Кошарка НБА

Дуелот на близнаците за Брук, Бруклин чекор поблиску до “плеј оф“

07.04.2015 12:41

Екипата на Бруклин славеше над Портланд 106 : 96 благодарение на втората четвртина, која ја доби со 32 : 13...

Вечерта кога вниманието на американската кошаркарска јавност беше насочена кон финалето на универзитетската НЦАА лигата се одигра само еден меч во НБА лигата. Екипата на Бруклин славеше над Портланд 106 : 96 благодарение на втората четвртина, која ја доби со 32 : 13. Мечот меѓу екипите од атлантскиот и пацифичкиот брег на земјата беше интересен и поради дуелот на браќата близнаци, центрите Лопез. Домаќинот Брук беше убедливо подобар со 32 поени и 9 скокови, наспроти Робин кој за Портланд запиша 9 поени и 4 скокови. Кај Бруклин одличен беше и бекот Вилијамс со 24 поени и 10 асистенции, додека најдобар во противничкиот табор и најефикасен на натпреварот беше Лилард со 36 поени.

Со својата 36 победа сезонава екипата на Бруклин се зацврсти на 7 позиција во Источната конференција, додека Портланд е 4 во Западната и сигурен учесник во постсезоната со 50 победи и 27 порази.