АМСМ: Сообраќајот на патот Скопје - Велес во прекин поради одрон

07.04.2015 14:00

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација...

Сообраќајот на патниот правец Скопје - Велес, кај црквичките, од 12 часот е во прекин поради поголем одрон. Зафатени се  двете коловозни ленти, а сообраќајот е комплетно во прекин за сите видови на моторни возила, соопшти АМСМ.
 
Сообраќајот на другите државни патишта се одвива по местимично влажни коловози. 
 
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани - Делчево, Виница - Берово каде е можна почеста појава на одрони.
 
На патниот правец Удово – Гевгелија, на клучката кај с. Марвинци, сообраќајот се одвива по една коловозна лента.
 
На регионалниот пат Гевгелија - локалитет „Смрдлива вода" во м.в. „Длабок дол", сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента поради појава на свлечиште.
 
На патниот правец Р1205 Крупиште – Пробиштип кај село Неокази дојдено е до попуштање на патот преку двете коловозни ленти (расцеп околу 20 цм). Сообраќајот од 09:45 е прекин за сите видови моторни возила, кои се пренасочуваат преку село Киселица – село Ратавица – село Леговец – Пробиштип.
 
На територија на Струмица, поради оштетување на мост на река Турија, воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на локалниот пат село Просениково - село Сарај, а сообраќајот се одвива по заобиколен пат.
 
На патниот правец Р2232 Кочани – Злетово, кај село Киселица сообраќајот се одвива со ограничена брзина од 30 км/ч поради слегнување на коловозот во должина од 50 метри. Поставена е соодветна сигнализација.
 
Во општина Крива Паланка непрооден е патниот правец село Дурачка река – село Дренак во должина од 7 км.
 
На регионалниот пат Куманово - Кратово кај излезот на село Железница има попуштеност на асфалт во должина од 10 метри и поставени се знаци за предупредување.
 
На патниот правец Лакавица - Неготино на 7 км над село Лесковица има пропаѓање на патот во должина од 200 м на кој е извршена санација. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. На овој дел сообраќајот се одвива забавено.
 
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште - Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на река Брегалница.
 
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.