Отказ за Бошко Ѓуровски
Неговиот биланс од две победи, три нерешени и шест порази не ги задоволи членовите на Управниот одбор на ФФМ. „Развојот и подобрувањето на рејтингот на македонскиот фудбал е наша грижа и токму затоа мора да бидеме одговорни кога е во прашање успехот на репрезентацијата“, пишува во соопштението на македонската фудбалска влада...

„Одлуката за прекин на соработката е донесена поради очекувањата на ФФМ и притисокот на фудбалската јавност за подобри резултати во тековните квалификации за Европското првенство и подобар рејтинг на нашата „А“ репрезентација“, со овие зборови Федерацијата му се заблагодари на Бошко Ѓуровски за ангажманот како македонски селектор. Неговиот биланс од две победи, три нерешени и шест порази не ги задоволи членовите на Управниот одбор на ФФМ. „Развојот и подобрувањето на рејтингот на македонскиот фудбал е наша грижа и токму затоа мора да бидеме одговорни кога е во прашање успехот на репрезентацијата“, пишува во соопштението на македонската фудбалска влада.
Со кутртоазна благодарност за неговиот придонес во пренесувањето на сопственото тренерско искуство, Фудбалската федерација на Македонија потенцира дека резултатите се единственото мерило. Поради нив Бошко Ѓуровски го заврши ангажманот во националниот состав. На негово чело беше неполни 16 месеци и не го дочека крајот на квалификацискиот циклус, исто како и Чедомир Јаневски во претходниот. Премногу ротираше, сакаше да играме допадлив и офанзивен фудбал, но не успеа да го испорача во време коешто би му овозможило подолготрајно селекторување. Сега е единствена жртва на новите неисполнети очекувања! Може ли да сме толку добри за една единствена персонална промена да може да донесе драстично подобрување? Или треба да се менува целиот фудбалски светоглед?
Во право е Федерацијата кога пишува дека „негативна серија резултати во фудбалскиот свет резултира со неминовни промени“! Точно е и дека „треба да се обедини не само репрезентативниот тим, туку и целата нација, дека импулсот мора да дојде од теренот“!
А сега? Сега повторно чекаме!
