Градежниците од Балканот ќе ги освојуваат странските пазари

07.04.2015 16:23

На средбата во Скопје потпишаа спогодба за заеднички настап на трети, но и на домашните пазари, кога се во прашање проекти финансирани од странски извори. Ќе лобираат кај владите за надминување на воочените слабости...

Со заеднички напори градежниците од Балканот ќе ги освојуваат странските пазари. Ќе се организираат за да можат да земат поголеми проекти. На средбата во Скопје потпишаа спогодба за заеднички настап на трети, но и на домашните пазари, кога се во прашање проекти финансирани од странски извори. Ќе лобираат кај владите за надминување на воочените слабости.

„Имаме проблеми кај производителите на градежни материјали чии А-тестови не  секогаш се признаени, иако се од акредитирани европски  лаборатории. Да влијаеме кај владите за да можеме да ги услогласиме законските прописи и во делот на она што значи добивање работни дозволи. Кога се настапува надвор вие знаете дека имаме проблем и со банкарските гаранции и со финансиските бонитети“, изјави Никола Велковски, претседател на Здружение за градежништво при Стопанска комора на Македонија.

Градежниците  се свесни за нивната расцепканост. 95% од фирмите се мали и затоа настојуваат да се здружат за заеднички настап. Најмногу шанси, велат дека имаат во земјите на Северна Африка, Блискиот Исток, Источна Европа. Хрватските компании работат од Норвешка, Балтичките земји, па се до Шпанија, а српските се најприсутни во Русија.

„Има потенцијал. Зависи од нас како ќе се здружиме и во која мерка ќе може да прифаќаме проекти. За почеток не некои големи. Ќе почнеме со помали за да се навикнеме,  за да можеме за година две да зајакнеме и да направиме сериозен исчекор“, вели Дамир Перцел, претседател на Здружение за градежништво при Стопанска комора на Хрватска.

„Во моментов нашите фирми имаат најмногу работа во Руската федерација, каде имаат основано фирми- ќерки кои работат според руски закони и се многу успешни. Работиме и во Шведска и во франција, насекаде високоградба освен во Русија каде и ниско градба“, изјави Виктор Кобјерски, претседател на Здружение за градежништво при Стопанска комора на Србија.  

Спогодбата ја потпишаа градежните асоцијации  од Македонија, Србија, Хрватска, Република Српска, Федерацијата БиХ, а Словенија и Црна Гора ја поддржуваат иницијативата, но поради избори ќе ја потпишат дополнително.  

 

Свето Николовски