Ципрас на средба со Путин во Москва

08.04.2015 09:14

Според медиумите, Ципрас со Путин може да дискутира и за проблемите кои Грција ги има со ликвидноста...

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, во надеж за заживување на економската соработка меѓу двете земји.

Според медиумите, Ципрас со Путин може да дискутира и за проблемите кои Грција ги има со ликвидноста. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека можеби ќе се разговара и за долгот на Грција, но додаде дека во дискусијата ќе се покрие „целиот спектар“ на грчко-руските односи.

Една од клучните отстапки со кои Ципрас би сакал да се врати во Атина е договор со Москва за укинување на ембаргото за грчкиот извоз на овошје и зеленчук во Русија.

Двајцата лидери, исто така, можеби ќе дискутираат и за плановите на Русија за гасоводот „Турски поток“, со кој ќе се пренесува гас до грчко-турската граница.