Стратегија на Светска банка до 2030-та: Искоренување на екстремната сиромаштија
Сиромаштијата во светот во последниве 25 години е намалена за две третини. Светска банка подготви стратегија за искоренување на екстремната сиромаштија до 2030-та година...

Човештвото се наоѓа пред историска можност да ја искорени екстремната сиромаштија во светот до 2030-та година. Претседателот на Светска Банка, Џим Јонг Ким денеска од Вашингтон упати апел до светските лидери да се приклучат во борбата против сиромаштијата која погодува 1,5 милијарди луѓе во светот. Првиот човек на Светска банка ја претстави стратегијата за искоренување на сиромаштијата.
„Мора да се зголеми земјоделското производство. Второ, мора да градиме инфраструктура што обезбедува пристап до енергија, наводнување и пазари. Трето, мора да промовираме слободна трговија, што особено обезбедува пазар за сиромашните и можности за средни бизниси што ќе донесат нови работни места. Четврто, мора да вложуваме во образованието, особено на децата и жените. Последно, мора да создадеме социјално осигурување и иницијативи за справување со природни непогоди и пандемии“, изјави Џим Јонг Ким, претседател на Светска Банка во Вашингтон.
Според анализите на Светска банка, нестабилноста и конфликтите во светот предизвикуваат сиромаштија, па половина од најсиромашните луѓе во светот живеат во некои од регионите во кои има војна. Претседателот на Светска банка посочи дека оваа година е клучна за преземање на дејствија против сиромаштијата со зголемување на работните места, земјоделското производство и економскиот раст.
Искоренувањето на екстремната сиромаштија во светот ќе биде од главните теми на новото Генерално Собрание на Обединетите нации во септември.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
