Балетската претстава „14 часа“ во Париз
Ова е трето гостување на претставата „14 часа“ во странство...

Во недела, 12-ти април, со почеток во 20 и 30 часот, во Париз, Франција, во театарот „Палас“ ќе биде изведена една од најгледаните балетски продукции во МОБ, „14 часа“. Ова е трето гостување на претставата „14 часа“ во странство.
Минатата година гостуваше во Рим, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, потоа во Виена, по повод 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Австрија и Република Македонија, и наиде на одличен прием.
Претставата е современо балетско дело, кое низ синџир од 12 сцени, ги разработува женско-машките односи, преку ликовите на Лили и Марк.
Автор на музиката е Кирил Џајковски, кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров, костимите на Александар Ношпал, а режијата и либретото на Наташа Поплавска.
Во претставата играат: Александра Мијалкова, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Дафина Данилоска, Васил Чичијашвили (Грузија), Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Агим Бафтии, Гиорги Беридзе (Грузија).
