САД: Најниски цени на бензинот од 2009-та
Ниските цени се резултат на побрзиот раст на светските залихи на нафта во однос на побарувачката, бидејќи е зголемено производството не само во Северна Америка, туку и во други делови од светот...

Поевтинува возењето во САД. Возачите летово ќе имаат најниски цени на бензинот во последниве шест години, најави тамошното Министерство за енергетика.
Се очекува просечната цена да падне за 32 отсто во однос на 2014- та, односно од 3,36 на само 2,4 долари за галон, што ќе биде најниско ниво од 2009-та. Ниските цени се резултат на побрзиот раст на светските залихи на нафта во однос на побарувачката, бидејќи е зголемено производството не само во Северна Америка, туку и во други делови од светот.
„Флуктуациите на цените ќе бидат неизбалансирани, но може да се намалат и под два долари во јули и во август, кога е најголема побарувачката за бензин“, изјави Том Клоза, нафтен аналитичар.
Американското министерство наведува дека сегашните прогнози може сериозно да бидат променети, доколку се укинат санкциите кон Иран, бидејќи таа држава има складирано 30 милиони барели нафта.
Се очекува цената на брентот, што го преработуваат многу американски рафинерии годинава да се намали за 40 отсто.
Свето Николовски
