Кошарка - НБА

58-ма рекордна победа на Атланта

08.04.2015 14:20

Хоукс го совладаа Феникс со 96:69 што е рекорден 58 клупски триумф во една сезона. Антиќ одигра 12 минути и реализираше 7 поени, 5 скока и една асистенција, по 16 коша постигнаа Керол, Мускала и Тиг...

Атланта забележа историска победа, Голден Стејт загуби, но на пет меча до крајот на основниот дел од сезоната, екипата на Перо Антиќ сепак не може оствари најдобар ефект во НБА лигата. Хоукс го совладаа Феникс со 96:69 што е рекорден 58 клупски триумф во една сезона. Антиќ одигра 12 минути и реализираше 7 поени, 5 скока и една асистенција, по 16 коша постигнаа Керол, Мускала и Тиг.

Ослободени од притисок, кошаркарите на Голден Стејт врзаа два пораза, откако загубија на гости кај Њу Орлеанс со 103:100. Дејвис беше најефикасен со 29 поени, 23 во второто полувреме вклучувајќи ги и клучните слободни фрлања на девет секунди до крајот. Кари постигна 25 коша, но промаши шут за продолжение.

Со 42-от триумф Пеликанс и ја презедоа на Оклахома последната плеј - оф позиција во западната конференција, затоа што Тандерс дома беа поразени од Сан Антонио со 113:88. Веструк постигна само 17 поени, па со четирите загубени меча по ред,  Оклахома заостанува еден пораз зад Њу Орлеанс. За осмата победа во низа на шампионот, најзаслужен е Ленард кој даде 26 коша. Сан Антонио е шести на Западот, но се уште има шанси да заврши и како втор.

Во истата трка се и Клиперс коишто имаат триумф плус во однос на Спарс откако беа подобри од Лејкерс со 105:100.

За трите слободни позиции што од источната конференција носат пласман во доигрувањето, конкурираат шест екипи. Меѓу нив е и Мајами којшто во пресметката со директниот конкурент Шарлот славеше со 105:100.

Во дуелот на тимовите коишто се меѓу петте најслаби во лигата, Сакраменто триумфираше против Минесота со 116:111.