Светски ден на Ромите: Ромите во македонското општество се рамноправни со останатите граѓани

08.04.2015 16:16

„Предизвик е да бидеш тоа што си и да покажеш дека вредиш“ - Саит Сехерсијан е само еден пример што со сопствен труд и силна волја успеал да се избори за подобар живот. Ромите во македонското општество се рамноправни со останатите граѓани- порака на Светскиот ден...

Предизвик е да бидеш тоа што си и да покажеш дека вредиш - Саит Сехерсијан е само еден пример што со сопствен труд и силна волја успеал да се избори за подобар живот.

„Живеам во Белгија, веќе 18 години сум таму, во градот Антверпен. Во моментов работам како инернационален координатор“, вели Саит Сехерсијан, интернационален координатор на проектот „Рома Караван“.

Споредбено со годините наназад, се повеќе Роми се вработиле во некоја од институциите. Васка Бајрамовска Мустафа е една од нив. Таа е прва жена заменик- народен правобранител и вели дека патот до целта е трнлив.

„Патот на Ромите до тоа што се денес и патот на Ромите не е лесен. Уште потежок е патот на жената Ромка да се успее да се избори помеѓу заедницата, да излезе од тие кругови на влијанието на традицијата и културата“, изјави Бајрамовска- Мустафа.

На меѓународниот ден на Ромите се одржа свечена академија.

„Потребата од заштита на Ромското културно наследство, на традицијата и обележјата на Ромскиот народ, се оврска на секоја држава во која живеат припадниците на Ромската заедница. Унапредувањето на квалитетот на животот на Ромите, посебно во делот на социјална рамноправност, образованието и вработувањето, е исто така тема која треба да биде дел од приоритетите на целиот европски континент“, рече премиерот Никола Груевски.

На овој ден се потенцира значењето на културните вредности и специфики на Ромската заедница.

Според податоците од истражувањето на народниот правобранител, бројот на вработени Роми во институциите на системот се зголемува. Се очекува тој тренд и да продолжи.

Ромите во македонското општество се рамноправни со останатите граѓани и ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик и да ги развиваат својата култура и традиции и активно да партиципираат преку своите партии во политичкиот живот.

 

Александра Перевска