ЕЛЕМ ја активира банкарската гаранција на Рико
Хидроцентралата официјално е преземена на 5 февруари 2013 година, но дел од работите предвидени во тендерската документација кои изведувачот бил обврзан да ги доврши не биле испочитувани...

Поради неисполнување на дел од обврските од договорот за проектирање и изградба на хидроцентралата „Света Петка“ во утврдениот рок, и за да ги заштити интересите државната ЕЛЕМ ја активира банкарската гаранција на главниот изведувач, словенечката компанија Рико, вредна 5,6 милиони евра.
Хидроцентралата официјално е преземена на 5 февруари 2013 година, но дел од работите предвидени во тендерската документација кои изведувачот бил обврзан да ги доврши не биле испочитувани и реализирани во утврдениот рок и според договорниот квалитет. Од ЕЛЕМ велат дека евидентираните недостатоци во тест периодот, кои не кореспондираат со прецизните одредби од договорот, не биле отстранети од изведувачот Рико ниту во дополнително дадениот рок.
ЕЛЕМ го презел објектот со задоцнување од 270 дена со што е пробиен договорениот рок, направена е финансиска штета на инвеститорот и бил исполнет условот за наплата на пенали во износ од 10 отсто од вредноста на договорот.
