Вработувања: „Веибо“ регрутира кадри
Во Ранковце тече селекцијата за вработување соодветен кадар во кинеско-турската инвестиција „Веибо“. Со фабриките во Крива Паланка и во Ранковце овој гигант ќе го намали бројот на невработените за 5 илјади и 600 лица. Со ангажирањето и на домашните претпријатија, ќе заживее економијата во Југоисточниот дел на Македонија...

Најголемата текстилна фабрика Веибо Груп , кинеско-турска инвестиција која се гради во Ранковце се очекува да вработи близу 5.600 лица. Со оваа инвестиција ќе се подобри индустрискиот развој во североисточниот регион и ќе се намали невработеноста. Од Агенцијата за вработување информираат дека во тек е селекцијата за кадрите кои накоро ќе бидат потребни. Директорот на Агенцијата за вработување информираше дека во тек е селекцијата за кадрите за работа во фабриката, на денешното отварање на канцеларијата во Општина Ранковце.
„Пред се сега работиме само за Крива Паланка, таму имаат објект кадешто можат да вработуваат. Тече селекцијата, врз основа на оние планови ние им праќаме соодветни кадри, си тече селекцијата, си тече вработувањето. Во наредниот период ќе започне и селекцијата за објектите што се планирани во општина Ранковце“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување на Република Македонија.
Околу 700 граѓани се водат како невработени лица од оваа општина Ранковце. Со отворањето на канцеларијата ќе се исполнат очекувањата и условите секој граѓанин да си го најде соодветното место на пазарот на трудот кои порано за пријавување во агенцијата патуваа до Крива Паланка.
„Времето на патувањето ќе биде прилично намалено и трошоците. Тука и селата што гравитираат во општина Ранковце односно во планинскиот дел во кој патуваат по 20 км до тука па уште 20 км до Крива Паланка така што ќе биде во голем дел намалено“, изјави Тони Ангеловски, претседател на Совет на Општина Ранковце.
Во првиот конкурс, кој се очекува да биде објавен наскоро , ќе има побарувачка за околу 400 работни места, токму во фабриката Веибо. Инвеститорот претходно го купи погонот во Крива Паланка кој што ќе биде обучен центар за нововработените лица. Погоните во Североисточна Македонија се очекува дека ќе шијат за познатите светски бреднови како што се Nike, Adidas и H&M.
Габриела Димковиќ
