Иванов: Економската глобализација ја менува важноста на национално-политичките граници

08.04.2015 16:39

Економската глобализација ја менува важноста за национално полититичките граници. Наместо енергетска сигурност се повеќе има енергетска неизвесност- порака на претседателот Иванов од Евроазискиот економски самит во Истанбул...

Светот не се менува, тој е веќе променет во глобалните процеси, она што се менува е нашата претстава за новата светска реалност. Затоа треба заеднички да придонесеме кон кристализирање на новата слика, порача претседателот Иванов од 18-тиот Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара во Истанбул.

„Годинава одбележуваме 70 години од крајот на Втората светска војна која требаше да биде крај на сите војни, а сведоци сме на повторна ескалација на нетрпеливоста, фанатизмот и екстремизмот во светот. Затоа, нашата задача овие денови за време на самитот, преку многубројните сесии за телекомуникациите, информатичката технологија, за енергијата и транспортот, за патот на свилата и патот до мирот во светот, ќе биде да придонесеме кон кристализирање на оваа слика за новата реалност“, изјави претседателот Иванов.

Економската глобализација, посочи Иванов, ја менува важноста на национално-политичките граници.

„Меѓународниот економски поредок е сè повеќе глобален, а меѓународниот политички поредок е изграден врз суверена национална држава. Наместо енергетска сигурност сè повеќе има енергетска неизвесност“, нагласи претседателот Иванов.

Попладне, во рамки на форумот ќе се одржи посебна сесија на која министрите за странски инвестиции Џери Наумоф и Фуркан Чако ќе ги презентираат поволностите и можностите за инвестирање во Македонија.

 

Катерина Топалова