Средношколскиот пленум продолжува да ја бојкотира наставата

08.04.2015 16:45

Од Унијата неколку пати обвинуваа дека зад бојкотот на пленумот стојат политички, а не рационални и издржани мотиви бидејќи ученици - членови на пленумот бојкотираат во математичките гимназии за да не го полагаат овој предмет, иако тие самите го одбрале...

Средношколскиот пленум продолжува да ја бојкотира наставата иако Средношколската унија веќе постигна договор со Министерството за образование, математиката да не биде задолжителна во матурата.

Овој предмет ќе го полагаат само учениците кои го одбрале математичката насока. Од Унијата неколку пати обвинуваа дека зад бојкотот на пленумот стојат политички, а не рационални и издржани мотиви бидејќи ученици - членови на пленумот бојкотираат во математичките гимназии за да не го полагаат овој предмет, иако тие самите го одбрале.

Математиката е задолжителен предмет во државната матура во многу европски земји меѓу кои Австрија, Хрватска, Унгарија, Полска, Словенија, Латвија, Ирска, Шведска и Албанија. Професори сметаат дека нема напредок на ниту едно поле без математиката.

Средношколскиот пленум како организација не постои во Централниот регистар и деновиве се повеќе наидува на критика дека најверојатно е мотивирана од политичка партија која со различните новоформирани пленуми имаат цел да мобилизираат критична маса.

И покрај тоа што средношколците нема да полагаат математика, освен ако не ја одбрале, пленумот ќе ја бојкотира настава без јасни и прецизни барања.

 

Викторија Тодоровска