Попоски: Македонија трпи штета од отсуството на опозицијата во Парламентот
Во законодавниот дом заседаваше Комисијата за надворешна политика. Министерот Попоски со порака: Македонија трпи штета од отсуството на опозицијата во Парламентот, а ова и оди во прилог на Грција. Пратениците се интересираа за политичкиот дијалог, но и за случајот „Пуч“...

Македонија трпи суштинска штета во евроинтеграциите од отсуството на опозицијата во Собранието и немањето политички дијалог, оцени шефот на дипломатијата, Попоски пред членовите на комисијата за надворешна политика. Од друга страна пак, официјална Атина креира перцепции дека во Грција има национален консензус за името, а во Македонија има разединетост. Целта е да ни ослабне позицијата.
„Секој актер кој не е способен да види дека со своето однесување прави штата на Македонија на надворешно- политички план, без разлика какви му се калкулациите на домашна сцена, очигледно нема ниво на свест кое е минимум неопходно за ние да ги заштитиме нашите интереси надвор. Ако некој истрачал на избори за да биде избран, местото му е тука во овој Парламент“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
На вчерашната средба со грчкиот министер за надворешни Коѕијас во Будимпешта биле разгледани конкретните активности околу политичката клима и економската соработка.Но, претстојниот период да не се злоупотреби со цел деблокирање на наметнатиот проблем за името, вели Попоски. Дали освен европратениците има сигнали од повисоките европски авторитети за нивни дополнителни политички ангажмани за поддршка како еден исчекор напред, праша претседателот на комисијата Антонио Милошоски. Артан Груби од ДУИ пак праша како да се унапреди политичкиот дијалог и да се најде компромис со Грција.
Дијалогот меѓу власта и опозицијата во Брисел е исчекор напред, но е неопходна и политичка свест, бидејќи како што рече Попоски, „бомбаштво или бојкот никаде не се гледа како проевропска идеја“. Павле Трајанов праша која е странската држава или служба што учествувала во дестабилизацијата на земјата. Роза Топузова-Каревска пак со дилема дали ако наскоро нема разрешница на кризата, може да се случи Македонија да биде изолирана политички.
Надлежните институции низ транспарентна постапка треба да дадат одговор за случајот „Пуч“ рече Попоски. Министерот за надворешни реферираше дека има евидентен прогрес во разговорите на експертските групи за бугарскиот предлог за потпишување договор за пријателство и соработка. Низ отворен дијалог на маса се сите чувствителни теми. Целта е вели Попоски,главната пречка за евроатлантското интегрирање да не се затскрива зад други изговори и да се изолира наметнатиот спор со името.
Милчо Велески
