ГДОМ: Поведување на постапка за велепредавство
„Да се активира правдата“ - со ваква порака кавадарчани ставаа потпис на Граѓанската иницијатива за одбрана на Македонија за поведување постапка за одговорност на лидерот на СДСМ, Зоран Заев поради велепредавство на државата. Велат дека власта се добива со избори, а не со сила...

Граѓанската иницијатива за одбрана на Македонија продолжува да собира потписи за поведување постапка за одговорност на лидерот на СДСМ, Зоран Заев поради велепредавство на државата. Еве што велат Кавадарчаните кои се потпишаа на ваквата иницијатива.
„Го дадов својот потпис за поддршка и активирање на правдата и на вербата во правосудниот систем на Република Македонија“, вели жител на Кавадарци.
„Мислам дека денешната иницијатива е во ред и крајно време е да се стави крај на озборувањата на Заев. Мислам крајно време е да се стави крај на тоа и Заев да си го најде местото“, додава жителка на Кавадарци.
И кавадаречките пензионери со осуда за потезите на Заев. Велат дека власта се добива со избори, а не со сила.
„Ова што се прави преку прислушување, бламажа на официјалната власт и објавување на разговори се тешки кривични дела и треба да одговара за ова. Македонија ако продолжува со ова темпо на деинтеграција, односно рушење на уставниот поредок ќе се намали и вработувањето, ќе дојдеме до ситуација и ние пензионерите да не можеме да ги зимаме пензиите што ни ги гарантира и исплатува Владата“, изјави Трајан Трајковски, заменик- претседател на Извршен одбор на пензионери.
Граѓанската иницијатива за поведување постапка за одговорност на Заев поради велепредавство на државата почна во скопска Автокоманда. Во неа меѓудругото се вели:
„Зоран Заев е извршител на мрачно сценарио креирано од други странски центри, и агентурни мрежи. Целта на тоа сценарио се потврдува со секој настан на Заев, а тоа е внесување на страв, раздор во македонското национално ткиво, и рушење на системот на државата. Преку воспоставување акутна политичка и меѓуетничка криза, да се предизвика дестабилазација.“
По Кавадарци, граѓанската иницијатива продолжува во скопски Аеродром.
Наташа Гркова- Петрушевска
