Кајакарство
Единствениот репрезентативец на првата Европска олимпијада во Азербејџан нема соодветни услови за тренинг
09.04.2015 11:45
Во јуни оваа година на првата Европска Олимпијада која ќе се одржи во Баку, Азербејџан, во дисциплината Кајак на мирни води, Македонија ќе ја претставува стружанецот Константин Дејкоски. Иако овие млади спортисти бележат успеси на Евроспки и на Светски првенства, сепак нивните услови за тренинг се многу лоши. Клубот е буквално во распаѓање, општината е глува. Единствената поддршка ја имаат од Агенцијата за млади и спорт и Кајакарската федерација...

Оваа година за прв пат ќе се одржат Европски Олимписки игри во Баку, Азербејџан од 12 до 28 јуни каде во дисциплината Кајак на мирни води, Македонската репрезентација ќе ја претставува единствениот репрезентативец од Струга, Константин Дејкоски. Неговиот влез на оваа олимпијада го обезбеди минатата година на Европското првенство во Германија.
„Настапив и во Брандербург во Германија на Европско првенство каде што изборив норма за настап во Азербејџан, Баку на Европски Олимписки игри. Сакам да се заблагодарам на Агенција за млади и спорт како и Кајакарската федерација кои ми помогнаа во припремите за Азербејџан“, изјави кајакарот репрезентативец од Струга, Константин Дејкоски.
На кајакарите во Струга освен помошта од Агенцијата за млади и спорт како и Кајакарската федерација од сопствениот град и општина Струга не добиле никаква финансиска помош. Клубот во Струга е во очајна состојба а младите спортисти и покрај тоа настапуваат на Европски и Светски првенства.
„Затоа би било добро ако може Општината да ни излези во пресрет бидејќи повеќе пати имаме барано да ни помогнат финансиски но за жал досега немаме ништо добиено“, вели младиот кајакар Никола Ѓутески.
Природните ресурси на Охридското езеро кое ги нуди во водните спортови не се доволни овие млади спортисти со високи резултати на светско ниво да продолжат со своите успеси. Од таму апелираат до сите институции, компании, физички лица и поранешни кајакари да помогнат барем во санирањето на клубот кој во моментов е во лоша состојба.
Јованчо Наумоски
