Почнува Националната скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка
Македонија е меѓу 27-те земји во светот во кои се спроведува проектот. Мамографскиот скрининг е бесплатен за секоја жена...

Стартува националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка. Македонија е меѓу 27-те земји во светот во кои се спроведува проектот. Мамографскиот скрининг е бесплатен за секоја жена.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека на почетокот скринингот се врши во 17 јавни здравствени установи низ државата кои се опремени со апарати за мамографија, меѓу кои се здравствените домови Железничар и Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, Здравствена станица Железара, здравствените домови во Неготино, Вевчани, Свети Николе, Кратово, Ресен, Берово, Пехчево, општите болници во Велес, Струмица, Струга и Кичево, како и во клиничките болници во Битола и во Тетово.
Посочи дека во проектот ќе бидат вклучени и Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и болниците во Охрид, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Штип, за кои веќе е во тек набавката на нови мамографи со средствата кои ги обезбедиле од остварените заштеди од набавката на инсулини и ленти за мерење на шеќер. Скринингот, појасни, го вршат обучени технолози и доктори-специјалисти во областа на радиологија.
