Доделено 500-то решение од проектот „Купи куќа, купи стан“

09.04.2015 16:56

Расте интересот за „Купи куќа, купи стан“. Овој проект им донесе сигурна иднина на многу брачни двојки. Една од нив е и скопското семејство Димовски, кое во септември треба да се всели во новиот дом. Министерот Ставрески го додели 500-то решение...

Среќа и возбуда во скопското семејство Димовски кои повеќе од една деценија талкаа  барајќи кров над главата. Парите биле најголемиот проблем за да го решат станбеното прашање. Задоволни се откако државата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ им даде шанса за сигурна иднина. Во септември ќе се вселат во новиот дом. Овој Велигден за нив ќе биде многу поубав- вели оваа млада жена.

„Размислувавме одамна за стан, меѓутоа, прво немавме храброст, а без овој дел, без проектот на Владата, не се чувствувавме толку моќни да можеме сами да запловиме во тие води, така што оваа помош е добредојдена“, вели Јасминка Димовска, корисник на проект „Купи куќа, купи стан“.

„Многу сум задоволен што ќе имам своја соба“, вели Борче Димовски, син на Јасминка и Марјан.

Решавањето на станбеното прашање е една од важните одлуки во животот. Вицепремиерот Ставрески го додели 500- то решение од проектот „Купи куќа-купи стан“. Проектот досега предизвика голем интерес кај граѓаните.

„Велигденските празници се период кој вообичаено го поминуваме со семејството и во домот и уште повеќе се потврдува тоа дека вистинското богатство на секој човек е семејството, домот и хармонијата. Затоа ми е мило што во оваа велигденска недела имав можност да бидам во домот на семејството Димовски кое симболично е 500-тиот корисник на проектот Купи куќа, купи стан“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески.

 Марјан аплицираше  за моделот половина учество во проектот „Купи куќа, купи стан“. Неговата рата изнесува 180 евра. Вели таа е пониска и од киријата што досега ја плаќаше.

„Ратата ќе ни биде приближно колку што плаќавме кирија и затоа сите оние кои се под кирија нека се осмелат и нека го направат овој чекор да дојдат на свое“, истакна Маријан Димовски, новиот сопственик на стан.

Досега преку проектот „Купи куќа,купи стан“ се одобрени 524 решенија. Од 16-ти овој месец од Охрид, тргнува караван и низ другите градови во земјава.

 

Дијана Ценевска