Иванов: Граѓаните успешноста на своите влади ја мерат по бројот на странските инвестиции
Во време на забрзана конкурентност, предодредено е капиталот да оди по нагорна линија, рече во обраќањето на Евроазискиот форум во Истанбул, претседателот Ѓорге Иванов...

Меѓусебната соработка особено во економијата е неминовна. Во време на забрзана конкурентност, предодредено е капиталот да оди по нагорна линија, рече во обраќањето на Евроазискиот форум во Истанбул, претседателот Ѓорге Иванов.
„Денес граѓаните ја мерат успешноста на сопствените влади според бројот на странски инвестиции, бројот на работни места и квалитетот на животот. Затоа, владите во светот ја научија важноста на економијата, на соработката и партнерството со бизнис-заедниците. Државите ја научија важноста од регионалните инфраструктурни и енергетски проекти“, нагласи шефот на државата.
Современиот пат на свилата нема да доведе само до економски напредок, туку ќе придонесе за поврзување на државите и економиите и повторно создавање отворен простор во кој ќе живеат луѓе со отворен ум. Патот на свилата, како и секој друг коридор што поврзува, треба да биде нашиот пат до мирот, порача претседателот Иванов во обраќањето на претседателската сесија „Патот до мирот: Каде оди хуманоста “, што се одржа денеска во Истанбул во рамки на Евроазискиот форум.
