Кошарка - АБА лига

Полуфиналиња коишто вредат Евролига!

14.04.2015 14:39

Без разлика каква ќе биде судбината на АБА и на Евролигата, во моментов поуспешните во полуфиналињата, следната сезона ќе играат во елитата...

Објeктивно, четирите најдобри екипи, ќе разигруваат за титулата во 14-та регионална кошаркарска сезона, само втора што ќе заврши со плеј – оф дуели. Без разлика каква ќе биде судбината на АБА и на Евролигата, во моментов поуспешните во полуфиналињата, следната сезона ќе играат во елитата. Тоа е дополнителната привлечност на 236-та пресметка меѓу Црвена Звезда и Партизан коишто и онака никогаш не играле обични натпревари.

Црвено – белите во лигашкиот дел од сезонава беа најдобри со ефект 24:2, соборија три рекорди, стигнаа и до Топ 16 фазата во Евролигата, поради квалитетот на составот и пред се подолгата клупа се фаворити, но црно - белите никој однапред не смее да ги отпише. Партизан е најуспешен со шест АБА титули, а Вујошевиќ специјалист да ја темпира формата на екипата кога се освојуваат пехари.

Покрај вообичаениот респект кон противникот и во двете екипи преовладува отимизмот, особено што предноста на домашниот паркет е речиси формална иако Црвена Звезда во три евентуални натпревари ќе ја има доминантната поддршка на своите навивачи.

Статистички, Партизан има 16 триумфи или седум повеќе од Црвена Звезда во АБА конкуренцијата, беше подобар и во трите дуели на фајнл - фор турнирите, додека сезонава секој победуваше кога беше домаќин.

Преносот од Пионир ќе биде на МРТ Собранискиот сервис во 21 часот.

Претходно, Будуќност и Цедевита во Подгорица ќе ја почнат серијата од максимум пет меча. Црногорците ќе се обидат да влезат во првото финале во клупската историја и по 12 година да се вратат во Евролигата. Цедевита пак, мината и пред три години играше во дуелот за трофејот, сезонава славеше во двата меѓусебни натпревара и има подобар вкупен биланс од Будуќност од 8:4.