Радиоаматерите од Советот на Европа и од Македонија заеднички ќе ја одбележат 20 годишнината од членството во СЕ

14.04.2015 14:59

Во ноември годинава, Република Македонија ќе одбележи 20 години од полноправното членство во најстарата паневтропска организација - Советот на Европа. Во тој контекст клубот на радиоаматерите од Советот на Европа подготвува посебен настан...

Во рамките на подготовките на нивната здружена операција со радиоматерите од Македонија, делегацијата на клубот ја сретнавме во просториите на македонската постојана мисија при Советот на Европа во Стразбур, каде беа примени од амбасадрот Петар Поп Арсов.

„Ние ги контактиравме најпрво македонските радиоаматери пред неколку месеци, за да се договориме за специјална активност за 20 годишнината од приемот на Република Македонија во Советот на Европа на 9 ноември 2015“, изјави Францис Кремер, претставник на радиоклубот на Советот на Европа.

„Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа презема низа активности кои што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Асоцијацијата на радиоматерите при Советот на Европа ќе оствари посета на Република Македонија токму во ноември, месецот кога Република Македонија ја одбележува 20 годишнината од полоправното членство во Советот на Европа“, рече амбасадорот на Република Македонија при Советот на Европа Петар Поп Арсов.

„Ние ќе емитуваме седум дена непрекинато дење и ноќе  и се надеваме да имаме меѓу 10 и 15 000 контакти во целиот свет во чест на 20 годишнината од приемот на Македонија во Советот на Европа“, додава Кремер.

Веднаш по средбата во мисијата се упативме на покривот на Палата на Европа каде се развиени антените на радио клубот. Радиаматерите на Советот на Европа можат да се пофалат дека контактирале и со вселената.

Танго Папа Два Чарли Еко (TP2CE) е специјалниот индикатиф за радио клубот на Советот на Европа, кој во ноември ќе зрачи за Македонија.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ