Германската „Техникал текстил“ наскоро почнува со производство во ТИРЗ Штип

14.04.2015 15:09

Сопственикот на Техникал текстил, Јенс Венгланд, денеска со директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо го потпиша договорот за реализација на инвестицијата во Македонија вредна над 10 милиони евра, на кое присуствуваше и премиерот Никола Груевски...

Германската компанија Техникал Текстил го реализира ветеното. Кон крајот на мај ќе почне со производство во Технолошко индустриската развојна зона во Штип.

Сопственикот на Техникал текстил, Јенс Венгланд, денеска со директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо го потпиша договорот за реализација на инвестицијата во Македонија вредна над 10 милиони евра, на кое присуствуваше и премиерот Никола Груевски.

Идејата за инвестирање во Македонија произлегла од рекламата која ја видел во авион додека патувал кон Абу Даби каде што требало првично да се реализира оваа инвестиција, а го привлекле и подобрите услови што ги нуди Македонија за правење бизнис.

Планиравме првично инвестицијата да биде во Абу Даби, но кога ги видовме условите во Македонија го сменивме мислењето бидејќи работите тука се одвиваат многу брзо. Додека во Абу Даби ни беа потребни за одредени активности две години, тука во Македонија од првиот состанок беше потребна една година, рече Венгланд.

Тој додаде дека сакаат да почнат што побрзо со реализација на инвестицијата. Планираат, како што појасни, изградбата на фабриката да заврши за четири недели, а ќе произведуваат фибер стакло за индустријата, за бродската индустрија и за индустријата за енергија на ветер.