Фудбал

Четири погледи кон финалето

15.04.2015 11:57

Ренова- Работнички и Хоризонт-Тетекс се мегданите по кои ќе се завиорат двете клупски знамиња на завршната битка за пехарот. Голема резултатска тензичност и неизвесност ги следи денешните полуфинални реванш натпревари...

Македонија денеска ќе ги добие финалистите во Купот. Ренова- Работнички и Хоризонт-Тетекс се мегданите по кои ќе се завиорат двете клупски знамиња на завршната битка за пехарот. Голема резултатска тензичност и неизвесност ги следи денешните полуфинални реванш натпревари. Работнички со предност од 2:1 и гостува на Ренова, со истоветни 2:1 Тетекс отпатува во Турново. Резултатски заплет, кој му дава голема привлечност на Купот на Македонија.

Работнички, бранителот на трофејот од минатата година, се соочува со исклучително висока пречка. Ренова пролетва игра во голем стил! Високата натпреварувачка форма деновиве ја демонстрира и во рамките на првенството на Македонија, совладувајќи го  Работнички со 2:0. Тоа беше прв пораз на македонскиот првак после 17 кола! Во клупската историја на Ренова се памети 2012-та година, кога во Џепштите блесна пехарот од Купот на Македонија, освоен токму против Работнички по победата во финалето со 3:1. Скопските „романтичари“ минатата сезона се специјализираа за освојување трофеи и  денеска ќе направат се, така и да остане!

На најјужната македонска фудбалска точка, во Турново, претстои натпревар со сличен карактер. Натпревар на екипи, кои го вкусиле здивот на Европа, па преку Купот се обидуваат да станат дел од големата фудбалска сцена во текот на летото. Хоризонт никогаш досега не бил дел од финалето во Купот. Ако успеее да ја надомести негативата од првиот натпревар, тоа ќе значи нов клупски исчекор. Тетекс е клуб чие омилено натпреварување е токму Купот на Македонија. Два пехара, од 2010-та и 2013-та година ги красат неговите витрини. Во 2011-та беше финалист. Тетекс, „закован“ на дното на прволигашката табела се подготвува за преселба во Втората лига,но искрата која тлее и ги грее Тетовчани е Купот.

Куп на Македнија -1/2 финале:

16.00 Ренова-Работнички (прв натпревар 1:2)

16.00 Хоризонт-Тетекс (прв натпревар 1:2)