Новиот состав на Антикорупциска положи заклетва
Тројца се економисти, двајца се правници и двајца адвокати. 5-мина се нови, а двајца се од претходниот состав. Од нив се очекува да работат професионално и без партиски влијанија...

Новиот состав на антикорупциската комисија пред спикерот Вељаноски положи заклетва. Тројца се економисти, двајца се правници и двајца адвокати. 5-мина се нови, а двајца се од претходниот состав. Од нив се очекува да работат професионално и без партиски влијанија.
Во работата ќе се воделе од начелата на уставот и на законите за спречување на корупцијатата, за лобирање и судир на интереси. Горан Миленков вели дека однапред нема никаков договор ниту пак, влијание при изборот на новиот претседател на антикорупциска. Појаснува дека законот е јасен, го предлагаат и избираат членовите на комисијата. Ја следеле работата на претходниот состав на антикорупциска и генерално немаат забелешки. Рано, е вели Миленков за оценка како се постапувало по предметите.
„Комисијата си работела добро. И предходните состави, значи ние во овој момент не можеме да кажуваме кој, како, зошто работел додека не влеземе внатре во комисијата да видиме колку предмети се отворени, колку се затворени, на каков начин, од кои причини, со какви докази. Корупција речиси имаат сите земји. Добар тренд е што корупцијата опаѓа. Борбата притив корупцијата никогаш не запира, таа постојано оди напред“, смета новиот член на Државната комисија за спречување на корупцијата, Горан Миленков.
Релативно непознати за јавноста, членовите ветуваат отвореност и транспарентност во работата на комисијата.
„Ќе работиме чесно, поштено, како што сме работеле, транспарентно и одговорно“, рече староновиот член на Државната комисија за спречување на корупцијата, Сејди Халили.
7-мина антикорупционери веднаш по заклетвата во Собранието влегоа во просториите на Комисијата. Се уште не е закажана Конститутивната седница за избор на претседател, чиј мандат е една, а на членовите 5 години.
Милчо Велески
