ПСЖ и Барселона во нова фудбалска војна
Судирот на „Паркот на принцовите“ ќе биде трет меѓусебен на Пари Сен Жермен и Барселона сезонава, откако двата тима триумфираа на домашен терен во мечевите од групната фаза. Во Париз во септември беше 3-2 за францускиот првак, по што во декември шпанскиот великан со 3-1 се одмазди на „Камп Ноу“ и го осигура првото место во групата Ф...

Во првиот четвртфинален двобој со Барселона, Пари Сен Жермен влегува со силна желба да ги остави зад себе болните спомени од минатите две сезони, кога поради гол помалку на гости испаѓаше токму во оваа фаза од Лигата на шампионите. Очајно посакува да се издигне ниво погоре и конечно да се вброи меѓу најдобрите четири европски екипи, откако лани не можеше со Челзи, а претходно и против вечерашниот ривал.
Судирот на „Паркот на принцовите“ ќе биде трет меѓусебен на Пари Сен Жермен и Барселона сезонава, откако двата тима триумфираа на домашен терен во мечевите од групната фаза. Во Париз во септември беше 3-2 за францускиот првак, по што во декември шпанскиот великан со 3-1 се одмазди на „Камп Ноу“ и го осигура првото место во групата Ф.
Токму триумфот над Барселона и карактерот којшто го покажа елиминирајќи го на гости Челзи во осминафиналето се адутите врз коишто Пари Сен Жермен ги темели надежите дека овој пат може да стигне и подалеку во европски рамки. Тренерот Лоран Блан вели дека неговите фудбалери научиле доволно лекции во текот на сезонава, со гордост потенцирајќи дека го предводи единствениот тим којшто и дал три гола во Европа на моќната каталонска машинерија.
Барселона има перфектен биланс од 30 победи во последните 34 натпревари во сите конкуренции, но низата од девет победи и беше прекината во саботата со ремито 2-2 во Севиља. На тој првенствен меч дојдоа до израз и најсилните и најслабите страни во тимот на Луис Енрике. Брзо направи предност од два гола за подоцна да го прокоцка, но сепак испорача доволно остро предупредување што го чека амбициозниот француски тим особено со застрашувачкото напаѓачко трио Меси-Нејмар-Суарез.
И додека Барса доаѓа во „градот на светлината“ единствено без Алвес, којшто има жолти картони, Пари Сен Жермен ќе биде многу подрастично ослабен. Ибрахимовиќ е казнет со еден меч неиграње поради исклучувањето во реваншот со Челзи, суспензија издржуваат и Верати и Орие, а Мота е повреден. Здравствени проблеми има и Луиз, па и тој е неизвесен за настап, што ја компликува задачата на Блан да ги состави најдобрите 11.
