Нов циклус организиран скрининг за рано откривање рак на грлото на матката
Прегледот треба да го минат околу 14 илјади припаднички на женскиот пол...

Бесплатен ПАП тест за жените од 24 до 35 години за рано детектирање на малигните промени во грлото на матката. Ќе се реализира и програмата за рана превенција на рак кај лицата на возраст од 50 години. Прегледот треба да го минат околу 14 илјади припаднички на женскиот пол.
Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, Јованка Костовска денеска на прес-конференција рече дека од 2012 година почнале организирани скрининг за рано откривање на карцином на грлото на матката со тригодишен интервал, при што биле опфатени жени на возраст од 24 до 35 години, во 2013 година со скринингот биле опфатени жени од 36 до 48 години, а во 2014 година жени на возраст од 49 до 60 години.
Според податоците од тие три години, околу 120.000 жени биле поканети да направат бесплатен пап тест, а од нив 64.000 го направиле овој преглед. Во овие три години имаме зголемување на бројот на поканети жени и зголемување на бројот на жени кои се јавуваат на преглед за пап тест. Ако 2012 година сме поканиле околу 37.000 жени, а се јавиле на преглед 17.000 жени, во 2014 година поканети биле околу 42.000 жени, а на преглед се јавиле 26.000. Значи постепено, свеста кај жените расте и се јавуваат на овие прегледи, рече Костовска.
