„Фигаро Војаж“

Зголемен туристички интерес за Македонија

15.04.2015 15:27

Викенд изданието на дневниот весник „Фигаро“ со повик до своите бројни читатели да ја посетат Македонија- вистинско туристичко откритие за 2015 година...

Во срцето на Балканот, Македонија е се уште туристичка дестинација поштедена од масовниот туризам, пишува „Фигаро Воајаж“, кој наведува пет причини за да се дојде во нашата земја. Една од нив е значајното културно наследство и се уште „дивата“ природа.

Како неизбежна дестинација на прво место е ставено Охрдиското езеро и Охрид, следува Скопје со своите историски и нови споменици.

Од престолнината на Македонија, „Фигаро Воајаж“ ги поведува своите читатели во националниот парк Пелистер, потоа античкиот град Стоби и на крајот во манастирот Свети Јован Осоговски.

Но, не е само „Фигаро“ кој се осврнува на туристичките можности на Македонија, специјализираниот веб портал за туристичките работници „Пагтор“ исто така повикува да се откријат убавините на Македонија, која е на помалку од три часа лет од Париз и Брисел и која со своите величествени природни езера, со спокојните манастири и исклучителните вина и вкусната кујна, се нуди како вистинско туристичко откритие за 2015 година.

По засилената медиумска кампања во Франција за туристичката понуда на Македонија, според „ТуристМаг“ – весникот на професионалните туристички работници, во текот на минатата година биле забележани 14% повеќе француски туристи во споредба со 2013-та. Односно лани нашата земја ја посетиле 5.327 француски туристи и истовремено бројот на ноќевањата се зголеми за 28%.

Позитивниот тренд на зголемувањето на бројот на француските туристи се очекува да продолжи и годинава.

Според француските специјалисти за туризам, Македонија е привлечна и идеална дестинација за продолжени викенди и кратки еднонеделни престои, поради нејзината близина до Франција и интересната културна и природна понуда.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ