Над два милиона евра за нови вработувања
Пет илјади невработени лица, преку обуки и практиканство ќе се вклучат на пазарот на трудот. Ќе се здобијат со вештини за полесно да дојдат до работа. Грант од над два милиона евра од ИПА фондовите, за намалување на невработеноста во земјава...

Над два милионa евра за намалување на невработеноста и поддршка на околу 5.000 невработени лица. Со директен грант од фондовите на ЕУ, АВРМ ќе ја подобрува вработеноста кај младите, долгорочно невработените и жените со зголемување на нивните знаења, вештини и способности. Намалувањето на невработеноста во земјата е од голема важност за успешноста на овој проект. ЕУ го поддржува воведувањето на новите активни мерки кои ќе одговарат на потребите на пазарот на трудот, ќе бидат одржливи и ќе имаат долгорочно влијание.
„Убеден сум дека овој проект во комбинација со останатите напори и мерки да се намали невработеноста и да се модернизира пазарот на трудот ќе придонесе за подобрување на ситуацијата во оваа област во наредните години. Континуираната поддршка на предпристапните фондови на Унијата исто така уште повеќе ќе го зајакне овој процес“, изјави Мартин Клауке, раководител на одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Преку активните мерки невработените ќе ги подобрат вештините и ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот. Проектот ќе овозможи 1.000 невработени до 29 години да посетуваат обуки за практикантство и уште 1.000 лица да се обучуваат кај познат работодавач. Предвидено е и 2.000 невработени да се вклучат во обуките за учење на странски јазици и компјутерски вештини и 720 долгорочно невработени лица во обуки за вештини што се дефицитарни на пазарот на труд.
„Значително ќе придонесе за надминување на невработеноста и поддршка на околу 5.000 невработени лица и тоа млади лица на возраст до 29 години, долгорочно невработените и жени, за полесно вклучување на пазарот на труд кои ќе се здобијат со вештини кои се барани на истиот“, нагласи министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Овие мерки АВРМ ги спроведуваше и порано со пари од буџетот на РМ и досега се покажале доста успешни.
„Се надевам дека и овој проект кој го започнавме пред еден месец успешно ќе го завршиме, ќе постигнеме висок процент на вработливост на овие лица, а воедно ќе имаме и намалување на невработеноста со наредниот проект што ќе го почнеме“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Според последните податоци невработеноста е на најниско ниво од 27,6 проценти. Со мерките кои ќе се реализираат со овој директен грант како и со останатите програми се создаваат услови за отворање нови работни места што ќе влијаат на продолжувањето на интензивниот пад на бројката на невработени.
Се очекува и новиот проект „Македонија вработува“ за чија реализација во собраниска процедура се последните законски измени да стапи во сила до крајот на месецов и да придонесе за намалување на невработеноста.
Сунчица Николоска
