Растат приходите на Царината, продолжува забрзувањето на постапките

15.04.2015 16:38

Лани царинската управа наплатила за милијарда 180 милиони денари повеќе приходи во државната каса. Продолжува процесот на олеснување и поедноставување на царинската постапка. Преку системот за издавање увозни и извозни дозволи „Ексим“ биле издадени над 79 илјади...

Растат приходите во државната каса од работењето на Царината, но се крати и  времето на задржување на камионите на царинската рампа. Лани царинската управа наплатила за милијарда и 181 милион денари, односно за 1,9% повеќе приходи  отколку година пред тоа. Успешно продолжува и олеснувањето, забрзувањето и поедноставување на царинската постапка и кратење на времето за транзитирање.

„Со воведување на националниот транзит во електронска форма лани за 20% е скратено времето на транзитна постапка. Ако на почеток на годината траеше 60 минути, веќе во третиот квартал траеше 42 минути“, вели Наташа Радеска – Крстевска, директор на Царинска управа на РМ.

Бизнисот се повеќе ги користи можностите царинските формалности да го заврши кај себе.

„Ние како Бучим ја користиме таа поедноставена постапка и покрај тоа што се смалува времето потребно за таа постапка, се намалуваат и трошоците и ние бидејќи сме извозно ориентирано претпријатие, целокупниот извоз го правиме со директно царинење во нашиот комбинат. Значи нема веќе шпедиции,  нема други услуги и се е поедноставено“, изјави Николајчо Николов, извршен директор на рудник Бучим –Радовиш.

Воведено е и безготовинско плаќање на граничните царински испостави, а намален е и  бројот на потребни документи кои се приложуваат кон единствениот царински  образец.

Преку системот за издавање увозни и извозни дозволи „Ексим“ лани биле издадени над 79 илјади дозволи, а просечното време за нивно добивање изнесувало 2,5 часа. Сите подобрувања и реализирани меѓународни проекти се во функција на забрзување на прекуграничната трговија и транспортот долж пан европските коридори 8 и 10 кои минуваат низ земјава, велат од Царината.

 

Свето Николовски