Атлетика

„Птичјото гнездо“ подготвено за атлетскиот спектакл

16.04.2015 12:51

Кина и Пекинг врз искуствата од Олимпијадата во 2008-та и на атлетските митинзи од „Дијамантската лига“, подготвени се на светот да му понудат нов спортски спектакл...

Раководните личности на светската атлетика деновиве се во Пекинг. Во градот домаќин на 15-то Светско првенство во атлетика се одржува 198-та сесија на Советот на Светската атлетска федерација (ИААФ).Големиот атлетски самит, беше една од главните теми за кои расправаа членовите на Советот на ИААФ.До моментот кога на 22 август во Пекинг ќе одекне стартниот пиштол, означувајќи го почетокот на светскиот спортски настан на годината, остануваат уште 128 денови. 

Кина и Пекинг врз искуствата од Олимпијадата во 2008-та и на атлетските митинзи од „Дијамантската лига“, подготвени се на светот да му понудат нов спортски спектакл. За организацијата на првенството се формирани 15 функционални оддели со 226 професионалци, вклучени во подготовката. Нивниот број ќе се зголеми на 320 за време на одржувањето на првенството, со поткрепа и на 3.000 волонтери. 

На стадионот е поставена нова тартан патека (Мондо трек), како и на придружните помошни сегменти за тренинзи и загревање на спортистите преднивните  настапи. Светската атлетска свита ќе биде сместена во дваесетина хотели,кои ќе бидат опфатени со организиран транспорт за акредитираните лица. Медиа центарот ќе биде опремен со 600 работни места, а салата за прес-конференции е со капацитет за 300 новинари. 

Меѓународниот телевизиски центар ќе биде отворен во мај, со партиципација и на Македонската телевизија, која ќе ги пренесува настаните од „Птичјото гнездо“. Во деновите од 22-30 август  во Пекинг се очекува да настапат атлетичари од над 200 земји.