Волфсбург против Наполи, за место во полуфинале во Лига Европа

16.04.2015 13:38

Во своето прво меѓусебно соочување Волфсбург и Наполи влегуваат со идентични амбиции, пласман во големата четворка во Лига Европа. Двата тима беа убедливи во пролетните настапи...

Германско италијанските пресметки во нокаут рундата отсекогаш привлекувале посебен интерес. Особено кога се работи за екипи кои се при самиот врв во своите шампионати. Во своето прво меѓусебно соочување Волфсбург и Наполи влегуваат со идентични амбиции, пласман во големата четворка во Лига Европа. Двата тима беа убедливи во пролетните настапи, Волфсбург го елиминира Спортинг со вкупни 2 : 0 па го прегази Интер со 5 : 2, што беше прв нивен триумф над италијански ривал. Наполи му нанесе катастрофа на Трабзонспор со вкупни 5 : 0, а потоа убедливо мина и со Динамо Москва со 3 : 1. Германците се најнеискусна екипа од сите четвртфиналисти и вечерва ќе истрчаат во УЕФА натпревар по 61 пат, но годинава ја играат најдобрата европска сезона. И во 2010 беа меѓу најдобрите 8, кога беа елиминирани од англискиот Фулам. Нивниот тренер Дитер Хекинг изјави дека во натпреварот ќе влезат како и во секој друг, да уживаат, да се забавуваат и да одиграат без притисок. За ривалот смета дека е многу поквалитетен од Интер и дека Наполи е најтешкиот можен опонент во оваа фаза. Сепак, тие се во одличен ритам од 7 натпревари без пораз, а пролетва двата домашни во Л Е ги добија со по два гола разлика. Иако како убедливо второпласирани во Бундес лигата речиси сигурни учесници во Лигата на шампионите следната сезона, посакуваат да ја завршат тековната со трофеј.

Од тој аспект Наполитанците се во поинаква ситуација. Го загубија чекорот за третото место, па пореална шанса да се изборат за шампионското друштво им е триумф во Лига Европа. Првпат се во 1 /4 финале по 26 години, кога генерацијата предводена од Диего Марадона го крена пехарот во тогашниот Куп УЕФА со победата над Штутгарт. Но, севкупно имаат лош биланс против германските клубови, каде што никогаш не победиле во 8 гостувања, а на последните 4 беа поразени. Сепак, серијата од 3 гостински настапи во кои имаат 1 победа и две нерешени средби. Само 4 примени гола или по еден на секој 225 минути е голем адут за Наполи. Исто како и желбата на играчите со добар резултат да му го честитаат 55 -от роденден на Рафа Бенитез. Шпанецот истакнува дека оваа екипа е со најцврст карактер од сите кои ги тренирал во кариерата, иако со пофални зборови се изразува за поедини играчи кај домаќинот, за кои вели дека има место во неговиот тим.

Несомнено дека двата табора имаат моќни состави со прекалени интернационални ѕвеѕди,од кои може да очекува врвен фудбал на “Волксфаген арена“. Домашниот тим е предводен од Ширле, Луиз Густаво, Дост, Де Брин и Бендтнер, а гоститинскиот од Игуаин, Хамшик, Мертенс, Де Гузман и Инсиње. Преносот е на МРТ1 со почеток од 21 часот.