Барселона речиси полуфиналист, Баерн на тешки маки
На импресивен начинот на „Паркот на принцовите“ го парализираше анемичниот и ослабен Пари Сен Жермен и заслужи со 3-1 да го добие третиот меѓусебен двобој сезонава со францускиот првак. Со величествен двострел Луис Суарез ги разурна надежите на „светците“...

Ако се суди по блескавото издание во Париз, Барселона со право цели кон нова круна во европскиот фудбал. На импресивен начинот на „Паркот на принцовите“ го парализираше анемичниот и ослабен Пари Сен Жермен и заслужи со 3-1 да го добие третиот меѓусебен двобој сезонава со францускиот првак. Со величествен двострел Луис Суарез ги разурна надежите на „светците“ за конечно да стигне во полуфиналето. Претходно, Нејмар сето тоа го најави, а Ван Дер Вил во финишот само го ублажи поразот којшто му дава само теоретски шанси на ПСЖ за реваншот на „Камп Ноу“.
„Нема да погрешиме и да помислиме дека ПСЖ е готов. Ќе имаме иста цел и во вториот меч, да победиме“, изјави тренерот на Барселона Луис Енрике.
И Суарез смета дека треба да бидат претпазливи. „Никогаш не знаете што може да се случи. Противникот има квалитет, но ние имаме добра предност и ќе треба да ја довршиме работата“, рече Уругваецот.
Лоран Блан сепак нема големи илузии и е далеку од оптимист. „Голем дострел е и тоа што го успеавме против Челзи“, одговори на прашањето какви се шансите ПСЖ да направи нов подвиг по оној против Челзи.
По одличната тимска изведба со којашто Порто го шокираше фаворизираниот Баерн, Тренерот Хулен Лопетеги вели дека неговиот тим може да сонува за полуфиналето на Лигата на шампионите, иако е свесен дека конечната одлука ќе падне на реваншот во Минхен. Предноста од 3-1 „змејовите“ ја стекнаа казнувајќи три кардинални грешки на германскиот првак во одбраната. Рикардо Кварешма погоди двапати во првите 10 минути, а во вториот дел се надоврза и Џексон Мартинез, откако претходно вреден гол за Баварците постигна Алкантара.
„Во ситуација сме да можеме да сонуваме, иако знаеме дека ќе треба да дадеме се од себе за да минеме понатаму“, вели Лопетеги. „Ќе ни треба перфектно издание во Германија“, предупредува стратегот на Порто, потенцирајќи го опоравениот Џексон Мартинез како клучен во напаѓачкиот сегмент од играта.
Пеп Гвардиола не бараше оправданија за неуспехот во отсуството на шестемина повредени првотимци. Не смета дека двомечот е веќе загубен, туку ветува многу поквалитетен Баерн.
„Ќе тренираме напорно за да играме многу подобро во реваншот. Голот на Алкантара е важен, но не и решавачки. Порто не не изненади, но во Лигата на шампионите мора да бидете одлични за да победувате. Овој пат не беше добро, но имаме шест дена да се подготвиме“, рече Гвардиола.
