Со премиера на „Медена ноќ“ стартува Скопскиот филмски фестивал

16.04.2015 15:31

До 24-ти април, ќе бидат прикажани над 60 филмови од најновата светска, европска и македонска продукција...

Со премиерата на македонскиот филм „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков, утревечер во киното „Милениум“, Скопскиот филмски фестивал ќе го прослави полнолетството. До 24-ти април, ќе бидат прикажани над 60 филмови од најновата светска, европска и македонска продукција.

Меѓу нив, публиката ќе има можност да ги види победникот на последниот берлински филмски фестивал „Такси“ на славниот ирански режисер Џафар Панахи, како и добитникот на оскар за најдобар документарен филм за лани, „Граѓанинот Четири“.

Новина на годинашното издание на фестивалот е програмата на хорор филмови, насловена „Повеќе од хорор“, со прикажување на четири исклучителни дела од светската кинематографија.

Специјален гостин на фестивалот е еминентниот ирански режисер, Мохсен Макмалбаф.