Партизан и Будуќност во предност, Звезда и Цедевита не се предаваат
Неизвесноста е сепак пред квалитетот, но тоа е и разбирливо бидејќи за поуспешните во АБА полуфиналињата, следната сезона ќе има место во Евролигата.

Иако и двете екипи тренираат и играат во Пионир, Партизан сега ја презема предноста на притисокот што неговите навивачи ќе го направат во следните два дуела. Сепак, многу што и натаму ќе зависи од Црвена звезда којашто и со само една добра четвртина вчера дојде во позиција од минус 15 до шут за победа. Вујошевиќ е свесен дека со брејкот, црно - белите не ја завршиле работата, порача дека очекува долга серија и им и честиташе и на своите, но и на противничките кошаркари за добриот втор меч. Мачван кој со 14 поени и 17 скока беше најзаслужен за израмнувањето на Партизан, оценува дека само со ист пристап и со цврста одбрана неговата екипа може да се пласира во финалето.
Црвено - белите признаа дека одиграле лош меч, дека Партизан заслужено славел, но не се плашат од атмосферата што ги очекува в сабота и в недела. Радоњиќ го правда Блажиќ дека го понела ситуацијата иако не го испочитувал договорот за последниот напад и е реален дека за да го врати водството, Звезда ќе мора да одигра поинаку и да го затвори просторот под обрачите. Капитенот Митровиќ вели дека шансите на неговата екипа се подеднакви, дека не е ништо не готово како што не било и по првиот натпревар.
Поинаква е ситацијата во втората полуфинална пресметка. Со предноста од 2:0, Будуќност е на триумф до првото клупско регионално финале и до враќање во европската елита по 12 години. Јасно е дека црногорскиот првак има поголемо индивидуално искуство, како и квалитет во ротацијата, па затоа Планиниќ најавува завршување на серијата уште во Загреб. И амбицијата на тренерот Јововиќ, кој е убеден дека неговите кошаркари нема да се опуштат, е да не се чека мајсторка.
Хрватскиот стратег Репеша изјави дека не е проблем само резултатот, туку меката игра којашто ако ја повтори, Цедевита нема да има шанса ниту на домашен паркет. Сличен е и ставот на Гордиќ кој ја пофали атмосферата во салата Морача и се надева дека Цедевита сепак ќе се врати во Подгорица.
