Воведување 100 нови здравствени методи
Во македонските болници ќе се воведат 100 методи во работењето за подобрување и унапредување на здравствената заштита на населението преку зголемување на опсегот на здравствените услуги достапни во јавните здравствени установи.
Во македонските болници ќе се воведат 100 методи во работењето за подобрување и унапредување на здравствената заштита на населението преку зголемување на опсегот на здравствените услуги достапни во јавните здравствени установи.
Проектот го сочинуваат 2 дела: воведување медицински дијагностички и терапевтски методи кои досега воопшто не се работеле во јавните здравствени установи во РМ, како и воведување медицински дијагностички и терапевтски методи кои делумно се применувале во одредени здравствени установи, но сега ќе бидат достапни во поголем број ЈЗУ на територијата на Република Македонија.
Првиот дел, или воведувањето на нови, досега воопшто недостапни медицински методи, ќе ги опфати универзитетските медицински установи. Вкупниот број методи што ќе се имплементираат во универзитетските клиники е 62, меѓу кои едни од новите и досега недостапни методи.
- На Универзитетската клиника за максилофацијална хирургија се воведува нова Ultracision метода за побезбедна, брза и прецизна хирургија што дополнително ќе придонесе за намалување на времето за заздравување на оперативната рана и времето на хоспитализација;
- На Клиниката за анестезија и реанимација и во ГОБ „8 Септември“ се воведува метода за регионални блокови водени под ултрасонографија, со што ќе се подобри периоперативната ефикасност, ќе се минимизира морбидитетот и ќе се оптимизира задоволството на пациентите;
- На УК за трауматологија со воведувањето на трансплантација на ‘рскавица ќе се овозможи замена на дефектите во ‘рскавицата и враќање на нормалната функција на оштетениот зглоб;
- На УК за ортопедија се воведува артроскопски пристап во реконструкција на нестабилно рамо;
- На УК за гастроентерохепатологија се воведува преглед на црниот дроб со фиброскен, со цел намалување на потребата од инвазивно испитување со биопсија на црниот дроб;
- На УК за гинекологија и акушерство ќе се воведе метода за интраоперативно одредување на првиот перитуморален дренажен лимфен јазол што ќе придонесе кон намалување на времетраењето на самата операција, како и намалување на веројатноста за потенцијални последици од операцијата;
- На УК за дерматологија се воведува фотодинамска терапија за нехируршки третман на преканцерози, базоцелулраен и сквамоцелуларен карцином;
- На УК за детски болести воведувањето на флоуцитометријата ќе овозможи рана дијагностика на примарни имунодефициенции и малигни заболувања, како и соодветна терапија и следење на трансплантираните пациенти;
- На УК за дигестивна хирургија ќе се воведе трансплантација на црн дроб;
- На УК за инфективни болести се воведува тестирање на генотипска резистенција на ХИВ за насочена примена на антиретровирусната терапија;
- На УК за кардиологија со воведување ренална денервација ќе се овозможи третман и на пациенти со рефрактерен покачен крвен притисок, во случаите кога не помага медикаментозната терапија;
- На УК за неврологија се воведува нефелометријата, како дијагностичка метода за рана дијагноза и ефикасен третман на пациенти со невроимунолошки заболувања;
- На УК за радиотерапија и онкологија, исто така, се воведуваат нови радиотераписки методи со кои ќе се постигне попрецизно и поограничено зрачење на туморското ткиво со помало оштетување на околните здрави ткива;
- Воведувањето на Real-Time QPCR на УК за хематологија ќе овозможи навремено откривање на резистенција на пациентите со хронична миелоична леукемија и навремено и рационално користење на скапи лекови.
Во ГОБ „8 Септември“ ќе се почне со ласерска фотокоагулација, транскранијална магнентна стимулација за лекување пациенти со рефрактерна тешка депресија, а исто така ќе се воведат и методи од физикалната медицина и рехабилитација (како цервикална лумбална екстензија и третман со ударен бран), со што ќе се намалат инвалидитетот и ограничувањето во секојдневните активности кај лицата со дискус хернија и калцификати во зглобовите.
Во Клиничката болница Битола ќе се воведат методи од областа на оториноларингологија и урологија, односно се воведува биопсија на простатата и ендоскопска хирургија на синусите, со што ќе се овозможи помалку инвазивна хирургија на синуси и подобрување на дијагностиката на карцином на простата.
Во клиничките болници во Тетово и во Штип, меѓу другото, се воведува интервентна терапевтска дигестивна ендоскопија за навремен третман на крваречки улкуси за што пациентите веќе нема да патуваат во Скопје.
Со овој проект се опфатени и општите болници од сите градови во Република Македонија. На пример, во Велес ќе се почне со фако методата за операција на катаракта, во Гевгелија ќе биде достапна горнодигестивна ендоскопија, во Дебар ќе се подобри скринингот на аномалии во прв и втор триместер од бременоста преку воведување ултразвучен скрининг, во Кавадарци и во Струмица ќе биде достапна лапароскопска хирургија, што ќе придонесе за скратување на болничкото лекување и поголемо задоволство на пациентите. Во
болницата во Охрид ќе се подобрат скринингот и дијагностицирањето на ракот на дојка и на дебело црево со воведување дигитална мамографија и колоноскопија.
Исто така, преку овој проект ќе се воведат и нови методи во специјалните болници, институти и заводи во Република Македонија. На пример: ќе се воведе третман на спастицитет и тремор со ботулин токсин во специјалната болница Св.Еразмо во Охрид, во Кардиолошкиот завод во Охрид се воведува затворање на патолошки отвори на срцето преку прекутани методи, односно помалку инвазивни методи, како и подобра дијагностика на преносливи болести преку крв, преку воведување на NAT методата на Институтот за трансфузиона медицина. Ќе се подобри и дијагностиката на опструктивните белодробни заболувања кај децата помали од 6 години со воведување на РИНТ методата во Институтот за белодробни заболувања кај децата, а на Институтот за туберкулоза ќе се воведе и неинвазивната вентилација која ќе придонесе за подобро лекување на пациентите со ХОББ.
Пациентите добиваат здравствена заштита поблиску до местото на живеење (дел од овие методи досега биле вршени само во некои од универзитетските клиники во Скопје, а за поголем дел од нив се уште се упатуваат во странство), новите техники се помалку инвазивни, со намалена можност за инфекции, побрза и подобрена дијагностика на преносливи болести, намалување на времето за заздравување на оперативната рана и времето на хоспитализација, што се бенефити и за пациентот и за здравствениот систем, како и рана и побрза дијагноза, рано откривање на вродени аномалии и што е најважно ќе се минимизира морбидитетот и ќе се зголеми задоволството на пациентите.
Првите методи ќе бидат достапни од септември годинава, а Министерството за здравство ќе овозможи едукација на докторите за новите методи на Универзитетските клиники во Скопје за методи кои се веќе достапни во Република Македонија и кои треба да се воведат во преостанатите општи болници, додека, пак, за новите методи, досега недостапни на нашата територија, едукацијата ќе се одива во реномирани центри во Европа и во САД.
Соња Стојановска
