За четири години- два пати повеќе претставки до Комисијата за заштита од дискриминација
Податоците покажуваат дека мажите имаат поднесено најголем дел од претставките, наспроти жените. Имало дискриминација и утврдено вознемирување кај бремените жени, а констатирано е вознемирување и по основ на сексуална ориентација и политичка припадност...

Делчевец докажа дека е дискриминиран, поради телесниот инвалидитет. Тој ја тужел општината бидејќи нема изградено тротоари и пешачки зони за да може да се движи надвор од својот дом. Општината Делчево ќе треба да изгради патеки за оваа категорија граѓани слободно да се движат низ градот. Оваа пресуда е четврта по ред во земјава која судовите ја донесуваат по основ на дискриминација. Расте бројот на граѓаните кои поднесле жалба поради дискриминација.
„Од вкупниот број поднесени претставки, најбројни се за етничка припадност, а потоа следат за личен и општествен статус, сексуална ориентација, здравствена состојба, социјално потекло“, изјави Душко Миновски, претседател на Комисија за заштита од дискриминација.
Податоците покажуваат дека мажите имаат поднесено најголем дел од претставките, наспроти жените. Имало дискриминација и утврдено вознемирување кај бремените жени, а констатирано е вознемирување и по основ на сексуална ориентација и политичка припадност.
„За разлика од јавниот сектор каде што се препознава диксриминацијата приватниот е затворен за анализа“, вели Ленче Коцевска, Комисија за заштита од дискриминација.
За 4 години, двојно е зголемен бројот на претставките до Комисијата за заштита од дискриминација.Лани биле поднесени 106 жалби.
Наташа Јанчиќ
