МРТ и ЗНМ дебата: Финансиска стабилност за стабилноста на јавниот сервис
Има напредок во програмата и квалитетот на информирањето, но за стабилен јавен сервис е потребна финансиска независност- заклучија новинарите на денешната дебата што ја организирааше ЗНМ. Јавниот сервис е под силен мониторинг, во последниот период е забележлив жесток напад кој се сведува на лична дискредитација и навреди што излегува од рамките на искрена дебата за доброто на јавниот сервис...

Финансиска стабилност за стабилен јавен сервис. Ова е заедничката оценка од денешната дебата што ја организираа ЗНМ и МРТ. Имаше различни ставови дали треба или не да постои радиоидифузната такса. Претседателот на новинарското здружение смета дека се потребни реформи.
„Јавните радиодифузни сервиси имаат клучна улога во обезбедување на непристрасни, разновидни информации со кои може да се задоволат потребите на пошироката јавност. Примарната улога на јавниот сервис е да го промовира јавниот интерес“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Се дебатираше за новинарството, но се слушнаа и други барања.
„Тие се денес тука, веќе разбираат дека работата доаѓа при крај. Веднаш ве повикувам и одговорниот уредник, и главниот уредник на информативната програма, веднаш да си поднесете оставка. Тоа ќе биде минимално што можете да го направите за да ја подобрете перспективата на јавниот сервис“, изјави Сашо Ордановски.
„По дефиниција сум само новинар, односно уредник, а Сашо Ордановски од секогаш сакал да се дружи со политика, да биде политичар повеќе, отколку новинар, веројатно и заради тоа не можеме да дебатираме“, рече уредникот на информативната програма на МРТ, Горан Петрески.
Директорот на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски, оценува дека последните години има напредок во квалитетот за тоа како информира јавниот сервис. Протестите што се организираат пред МРТ ги смета за притисок врз медиумот.
„Фактите покажуваат дека МТВ известува за сите политички случувања во државата, и факт е дека МТВ не ги објавува снимките кои што опозицијата ги објавува на своите прес конференции. Меѓутоа, мора да имате во предвид дека согласно Кривичниот законик, објавувањето на снимки од неутврдени извори претставува и кривично дело, што претставува одговорност на уредникот на медиумот“, вели Трајчевски.
Одговорниот уредник на првиот програмски сервис, Диме Ратајкоски рече дека МТВ мора да се грижи за државните интереси.
„Многу е тенка линијата помеѓу објективноста и субјективноста. Тоа што за вас е објективно, за мене може да биде субјективно и обратно. Мораме да бидеме свесни за тие работи. МРТ е институција која е основана од државата, ги брани и настапува секогаш во заштита на државните интереси“, нагласи Ратајкоски.
Сите години од независноста на Македонија, МРТ е под мониторинг на меѓународните организации и домашната јавност, но забележлив е жестокиот напад во последно време кој се сведува на лична дискредитација и навреди што излегува од рамките на искрена дебата за доброто на јавниот сервис.
Миле А. Ристески
