Средба Попоски - Ји
Соговорниците разговараа за сeвкупните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, при што беше истакнат заемниот интерес за натамошно надградување на стратегиското партнерство...

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денес оствари средба со заменик помошникот државен секретар, надлежен за Европски и Евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент, Хојт Ји, кој престојува во работна посета на нашата држава.
Соговорниците разговараа за сeвкупните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, при што беше истакнат заемниот интерес за натамошно надградување на стратегиското партнерство и политичкиот дијалог, како и на билатералната соработка, преку нови иницијативи и проекти, во сите области од заеднички интерес, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Централно внимание беше посветено на обидите на Република Македонија за деблокада на инеграцијата во НАТО и Европската Унија, согласно главните стратешки определби на нашата држава. Во таа насока, на американскиот соговорник му беа пренесени заложбите на Владата на Република Македонија за што поскоро изнаоѓање на заемно прифатливо решение за наметнатиот спор околу името.
Воедно, беше разговарано за актуелните политички процеси во Република Македонија, при што од наша страна беше пренесен ставот за важноста од решавањето на сите отворени внатрешни прашања во рамките на правните и политички институции на државата.
