Пролетен состанок на ММФ и Светска банка: Светската економија се подобрува, растот- недоволен
Во последниве 6 месеци се појавија нови предизвици за економската стабилност, конфликти на Блискиот исток, тероризам и бегалци, што оневозможува слободна трговија и регионална соработка, стои во најновата проценка на Меѓународниот Монетарен Фонд и Светска банка. Намалувањето на цената на нафтата и зголемувањето на вредноста на американскиот долар некаде позитивно, а некаде негативно ќе влијае на економскиот раст на земјите...

Прогнозата за економијата во 2015 година на Меѓународниот Монетарен Фонд и Светска банка е нешто поголема од онаа во 2014-та, што се должи на растот кај развиените економии. Храбри потези во монетарната политика беа преземени во еврозоната и во Јапонија со што се намали и сврте дефлацијата. ММФ се уште е во тешки преговори со Грција која бара одолжување на плакањето на обврските кон фондот, но директорот Кристин Лагард јасно истакна дека тоа нема да се случи.
„Грција е една од нашите должници, и затоа сме загрижени, бидејќи не можеме да ја објасниме и изразиме политиката на ММФ во однос на доцнењето на исплатата на обврските во оглед на историјата на неговата земја на министерот Варуфакис“, изјави Кристин Лагард, директор на ММФ.
„Ние сме за компромис, но сакаме нов договор со еврозоната и ММФ“, изјави грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис. Неговиот германски колега Волфганг Шојбле, пак и порача на Грција дека ако не сака заем од ЕУ, може да побара на друго место.
„Оваа влада иако е левичарска, е клучот за доаѓање до договор со нашите глобални и европски партнери за консолидација на Европа на начин што создава поголема ефикасност, вистински раст и надминување на недостатоците на инвестииците и неуспесите не само на Грција туку на сите“, вели грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис.
„Европејците кажаа дека се подготвени да и даваат поддршка на Грција до 2020-та, но ако таа го испорача договореното. За тоа се преговара во моментов. Ако најдат некој во Пекинг, Москва, Вашингтон или во Њујорк, којшто ќе и позајми пари на Грција, во ред, ние ќе бидеме среќни“, изјави Волфганг Шојбле, германски министер за финансии.
Глобалниот економски раст оваа година ќе биде околу 3%, но економиите во развој бележат намалување на растот. Македонија спред предвидувањата од 3,8% раст е над глобалниот просек. Намалувањето на цената на нафтата и зајакнувањето на вредноста на американскиот долар, ќе има различен ефект на светската економија.
„Сликата за влијанието на падот на цената на нафтата врз земјите во развој е мешана. Ниските цени на нафтата ќе придонесат до намалување на сиромаштијата за многу земји, но за некои ќе има негативен ефект“, прогнозира Џим Јонг Ким, претседател на Светска банка.
ММФ и Светска банка се загрижени поради нестабилноста во Украина, на Блискиот исток, тероризмот и бегалците, па како една мерка за борба против овие предизвици, советуваат земјите од кадешто има најмногу странскики борци да се концентрираат на економскиот раст, подобрување на образованието и здравјето на населението и справување со природните катастрофи.
Економиите во Русија, Бразил и КИна бележат стагнација. Според Меѓународниот Монетарен Фонд во Русија и во Бразил оваа година ќе има негативен економски раст.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
