Македонија ги остава малерите зад себе
Македонската ракометна експедиција е конечно во Данска. По 18-ет часовна одисеја во авион и во автобус, поради скопската магла, чартерот од Софија слета во Хернинг, еден час по полноќ. Само 19 часа им останаа на избраниите на Ивица Обрван за одмор, тренинг, освежување и психолошка подготовка пред вечерашниот старт на ЕП и тоа против организаторот и бранител на тронот, селекцијата на Данска.

Македонската ракометна експедиција е конечно во Данска. По 18-ет часовна одисеја во авион и во автобус, поради скопската магла, чартерот од Софија слета во Хернинг, еден час по полноќ. Само 19 часа им останаа на избраниите на Ивица Обрван за одмор, тренинг, освежување и психолошка подготовка пред вечерашниот старт на ЕП и тоа против организаторот и бранител на тронот, селекцијата на Данска.
Откако го фативме чекорот за презентација на престижните првенства, Македонија го отвора третото европско досие и тоа како бранител на високото петто место од европскиот самит во Србија пред две години. Многу малери ја следеа оваа репрезентација која без повредените Наумче Мојсоски и Филип Лазаров, без помошта на Ренато Вугринец и со Немања Прибак евентуално во втората фаза, ќе бара нов забележителен дострел во европскиот ракометен крем. Но, нашиот харизматичен состав токму во вакви моменти знаел да се мотивира, да ги извлече и последните атоми енергија и да го остави спортското срце на терен. Кире Лазаров ќе ја поведе својата репрезентација вечерва против најголемиот фаворит за златото. Не можевме да добиеме потежок ривал за старт, но и не можевме да се мотивираме толку против ниту еден на овој шампионат.
Данска во Белград ни застана на патот до историски пласман во полуфинале и тоа на многу болен начин со голот на Линдберг од контра во последната секунда од мечот. И тогаш бевме, а сега сме уште поголеми аутсајдери на противничка територија без Фалангата како голема подршка а пред 14 000 дански фанови во Хернинг Арената. Но, ќе го немаме психолошкиот притисок и воведот ќе биде можеби најлесниот и најопуштениот двобој за ракометарите на Ивица Обрван кој дебитира на селекторската клупа на големата сцена. Токму на аутсајдерската позиција, која нуди намалена натпреварувачка пресија, како и на непишаното правило дека отворањето на турнирот за фаворитите секогаш било незгодно, треба да се гради стратегијата и да се бара шансата за изненадување. Селекторот, Обрван, ги објави 16-те играчи кои ќе ја одработат првата фаза од ЕП. Добрата вест е што меѓу нив е и бекот на Металург Дејан Пецаковски кој е фит и подготвен 28-от роденден да го прослави со настап против европскиот првак Данска. Голманот Никола Митревски, пикерот Никола Маркоски и бекот Немања Прибак ќе бидат на трибините на трите дуели во групата во Хернинг. Првиот е против Данска вечерва во 20.30 часот. Во вторник и во четврток играме во термините од 18.15 со Чешка односно против Австрија.
