„Медена ноќ“ со мото „Бракот е политички трилер“

18.04.2015 18:46

„Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков ги собра аплаузите синоќа. За Верица Недеска, која игра една од двете главни улоги, ова е голема чест зашто, како што вели, комплексна ролја како нејзината е реткост во светската кинематографија. Со премиерата на ова најново македонско остварување беше отворен Скопскиот филмски фестивал...

Строго доверливите работи и бракот како политички трилер се испреплетуваат во македонскиот филм „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков. Никола Ристановски како заменик-министер и Верица Недеска како Ана, негова сопруга, на 10 годишнината од бракотразоткриваат политички скандали, проблеми, фрустрации, тајни.

„Да се игра ваква улога е голема чест бидејќи вакви комплексни ликови и во светската кинематографија се реткост. Женски ликови кои се карактерни и кои можат да покажат способноста на самиот актер, за мене беше огромна чест и огромна одговорност“, вели актерката Верица Недеска.

Собир на жанрови. На моменти гротеска, која се враќа на драма, за подоцна да се испреплетат трагични моменти и параноја. Режисерот Трајков вели – филмот е таков како што гледачот индивидуалноќе го разбере. Гледачот секогаш има право.

„Ова е некоја си драма, но е присутен и хуморот. Ако мене лично ме прашате ова е комедија“, изјави режисерот Иво Трајков.

Сценариото е инспирирано од новелата „Уво“ на Јан Прохаска од 60-тите, кој се смета за еден од најдобрите сценаристи на чешката кинематографија.

Со премиера на „Медена ноќ“, беше отворен 18-от Скопски филмски фестивал, на кој до 24 април ќе бидат прикажани над 60 филмови во десет програми.

 

Наташа Јанчиќ