Кошарка, АБА Лига, 1/2-финале, трети натпревари

Будуќност пред финална промоција, трета битка меѓу Партизан и Звезда

18.04.2015 19:01

Вистинско чудо ќе треба да направи хрватскиот првак, којшто се наоѓа во тешка ситуација. Убедливата негатива дури и не е најголем проблем за екипата на Јасмин Репеша...

Само една победа го дели Будуќност од пласман во финалето и од враќање во Евролигата. По двата пораза во Подгорица, шансите на Цедевита за трето финале во последните четири години драстично се намалија. Вистинско чудо ќе треба да направи хрватскиот првак, којшто се наоѓа во тешка ситуација. Убедливата негатива дури и не е најголем проблем за екипата на Јасмин Репеша.

Најдобриот црногорски тим делува посигурно, повоиграно и поподготвено во серијата „прв до три“. Полуфиналист беше и во 2011 и во 2012, но тогаш не се најде во можност да се бори за регионалната титула. Веројатно како никогаш досега Будуќност има шанса да влезе во финалето.

Вечер и утре Цедевита ќе ја има предноста на домашниот паркет, но откако не успеа ниту еднаш да се радува во Подгорица, и требаат три победи против Будуќност за само четири дена. Со оглед на моменталната форма на екипите, тоа изгледа тешко остварливо.

Ќе биде ли Будуќност промовиран во прв финалист или шансите на Цедевита ќе бидат пролонгирани најмалку уште 24 часа. Преносот од третиот нивни двобој е од 18.30 часот на Собраниски.

Два и пол часа подоцна е новата епизода од вечното ривалство меѓу Партизан и Црвена Звезда. Нерешените 1-1 по првите два дуела во коишто домаќин беа „црвено-белите“ значат дека серијата ќе заврши најрано утре вечер, но само ако еден тим двапати триумфира во мечевите во коишто „Пионир“ ќе биде обоен во „црно-бело“. Во спротивно, за финалистот и за учесникот во Евролигата ќе решава мајсторката в среда.

Откако со цврста и со дисциплинирана игра покажа едно од најдобрите изданија сезонава и направи „брејк“, Партизан ќе биде силно мотивиран да ја искористи шансата којашто му се укажува сепак да го урне големиот ривал којшто изгледаше неприкосновено сезонава. По доминатниот прв меч, Црвена Звезда неочекувано издиша и одеднаш си го доведе во прашање она што според многумина и беше загарантирано. Само евролигашко издание и конечно будење на Марјановиќ ќе можат да ја извлечат од калта во којашто заглави.

Може ли црно-белата војска на Вујошевиќ да врзе две импресивни партии или пак Радоњиќ ќе успее да го воскресне победничкиот дух на неговите избраници. Преносот од третиот полуфинален дуел Партизан-Црвена Звезда е од 21 часот, исто така на Собраниски.