Македонските јуниорки на ЕП

18.04.2015 22:17

Пласманот на ЕП во Шпанија оваа година, на нашите ракометарки до 19 години е уште повреден ако се знае дека тие лани го освоија 17-то место на Мундијалот во Македонија и беа предвреме прогласена за аутсајдери ...

Избраничките на ВД селекторот Симе Симовски сензационално и убедливо ја совладаа шестата светска јуниорска сила Холандија со 26-19 и обезбедија историско место на голем настан.

Пласманот на  ЕП во Шпанија оваа година, на нашите ракометарки до 19 години е уште повреден ако се знае дека тие лани го освоија 17-то место на Мундијалот во Македонија и беа предвреме прогласена за аутсајдери и отпишана како сериозен конкурент на овој квалификациски турнир за првите две места меѓу фаворизираните Исланд и Холандија.

А тие предводени од селекторот Симовски кој за само 20-тина дена создаде компактен тим, ги направија  реални сништата дека македонскиот женски ракомет има иднина.

Како и против Исланд, оваа селекција покажа карактер и зрелост потребна на ова ниво да се направи подвиг и против поквалитетната на хартија, Холандија. Нашите надежи одиграа одлично прво полувреме, мотивирани, борбени, ефикасни и цврсти во одбрана направија максимални пет гола разлика за 22 минути а на полувреме заминаа со 12-8.

На криљата на високиот ритам влегоа и во вториот дел во кој константно ја зголемуваа предноста што на половина од тој дел изнесуваше рекордни плус 10 како најава за големиот триумф.

Завршните 15 минути беа само ново драгоцено искуство и зреење на оваа  генерација на која мора да и се посвети поголемо внимание. Во составот во кој функционираа сите максимално, се издвои најефикасната на мечот Керамичиева со 10 гола, шест постигна Тодоровска а четири Ристовска. На нивото на задачата беа и голманките Ладева и Петковска.

Утре во последното коло за прво место во групата Македонија игра со врсничките од Црна Гора кои пласманот на ЕП го обезбедија со денешната победа над Исланд, 23-17.