Блескаво враќање на Роуз, дербито на Тексас за Хјустон
Најмладиот МВП во историјата на лигата имаше неколку сложени операции во текот на изминатите 3 години, но блескаше во првиот “плеј оф“ меч од 2012 година со 23 поени и 7 асистенции...

Дерик Роуз го предводеше Чикаго до победа над екипата на Милвоки со 103 : 91. Најмладиот МВП во историјата на лигата имаше неколку сложени операции во текот на изминатите 3 години, но блескаше во првиот “плеј оф“ меч од 2012 година со 23 поени и 7 асистенции. Одлична партија одигра и Батлер со 25 поени, а Гасол имаше “дабл дабл“ учинок со 10 поени и 13 скокови. Кај гостите најзабележителен Мидлтон со 18 поени. Хјустон ја доби првата битка за Тексас, по победата 118 : 108 над составот на Далас. Харден со 24 поени и 11 асистенции беше лидер кај “ракетите“ во чии редови Бруер постигна 13 од своите 15 поени во завршната четвртина. Во двата тима по седуумина беа двоцифрени, а Новицки со 24 поени и 8 скокови беше најдобар поединец.
Првата победа во серијата ја забележа и најдобриот тим во лигата Голден Стејт против Њу Орлеанс. Домашните направија 15 разлика во првиот период и не дозволија резултатски приклучок до крајот, иако мечот го добија со 106 : 99. Кари беше најдобар поединец кај “воините“ со 34 поени, а еден повеќе постигна Дејвис за осморангираниот тим на западот. Честа на гостинските екипи ја спаси Вашингтон со победата во Торонто од 93 :86 дури по продолжението, најмногу благодарение на искусниот Пирс со 20 поени. Кај Канаѓаните само Дерозан беше двоцифрен од стартерите со 15 поени. На половина час пред полноќ Перо Антиќ и Атланта ќе го почнат првиот “плеј оф“ дуел против екипата на Бруклин.
