„Падна“ и четвртата јуниорска ракометна сила

Македонија ја победи и Црна Гора

19.04.2015 22:39

Падна уште еден фаворизиран ривал кој остана само на хартија и со рејтингот пред нашите девојки кои и во овој меч покажаа карактер, срце и победнички дух...

Македонските младинки  ја добија  и последната битка на квалификацискиот турнир во Скопје, но и војната и го потврдија  историскиот пласман на ЕП за ракометарки до 19 години што ќе се одржи во Шпанија кон крајот на јули годинава.

Избраничките на вд селекторот Симе Симовски ја победија и четвртата светска јуниорска сила Црна Гора со 18-17, го освоија турнирот и ставија јаготка на шлагот. Падна уште еден фаворизиран ривал  кој остана само на хартија и со рејтингот пред нашите девојки кои и во овој меч покажаа карактер, срце и победнички дух.

По двете изненадувачки победи над Исланд и Холандија, нашите јуниорки си подготвија ревијален двобој со нивните црногорски врснички, и го украсија со нов драгоцен триумф, ново искуство  и вистински  момент за да се прослави успешниот настап и новиот импулс за прогрес на  македонски женски ракомет кој е во кризен период.

Малку криза во нашата игра против Црногорките. Го добивме првиот дел со цврста одбрана и рационален напад. На црната дупка во почетните 11 минути од второто полувреме со серија на гостинките од 5-1 и пресврт до 10-13, македонските јуниорки дрско возвратија со идентична од 7-3  и влез во последните 5 минути со предност од 17-16.

Во драматична завршница со по уште еден гол го сочувавме водството и славевме против големиот фаворит. Најефикасните на турнирот во нашиот тим беа предводнички. Ристовска постигна 6, Керамичиева 5 гола, а стрелци беа и Тодоровска со 3 и Стојановска и Митева со по два гола. Голманките Петковска и Ладева со вкупно 12 одбрани беа на ниво на задачата.