Трагедија во Медитеранот
Вчера крај либискиот брег во близина на италијанскиот остров Ламедуза потона бегалски брод претрупан со емигранти. Животот го загубија над 750 луѓе меѓу кои 50 деца и околу 200 жени, потврдија малкуте преживеани. Италијанската влада побара итен состанок на лидерите на Унијата предупредувајќи дека за оваа хуманитарна криза има недостиг од европска солидарност...

Медитеранот се претвори во најголема гробница на сите несреќници кои на коцка го ставаат својот живот за подобра иднина некаде во Европа. Владите на стариот континент мора да реагираат, бидејќи смртта на мигрантите се претвори во неподнослива состојба, изјави италијанскиот премиер, Матео Ренци, споредувајќи ја трговијата со мигрантите како ропство на 21-ви век.
„Во вакви случи не треба да затаи солирдарноста која Европа ја покажуваше досега за многу слични теми. Италија не може сама да се справи со ова што се случува на Медитеранот“, изјави италијанскиот премиер.
И додека во Брисел, шефовите на дипломатиите по итна постапка ја ставија на дневен ред бегалската катастрофа, меѓународната организација за миграција од Женева денеска соопшти дека добила нови повици за помош на бродови што тонат во близина на Малта со 300 луѓе, од кои 20- тина се удавиле и дека слична судбина доживеал уште еден илегален мигрантски брод, кај островот Родос, кога се распаднал пред да се доближи до брегот, при што загинале три лица, а другите мигранти биле спасени од грчката крајбрежна стража.
„Не можеме само да повторуваме, никогаш да не се повтори, а да не преземеме соодветни мерки. Волшебно стапче за проблемот на луѓето нема, но ќе направиме се за ова да разговараме на вонредниот самит на Унијата“, рече, Федерика Могерини, шеф на европската дипломатија.
Дури 93 насто од мигрантите на патот кон смртта испловуваат од брегот на Либија, Морскиот теснец кој го дели јужен од северен Медитеран и кој претставува најстрашното место, бидејќи во потрагата за подобар живот, шансите да се оствари сонот е 1 спрема 10, вели крајбрежната полиција.
„Потрагата продолжува, но не се пронајдени нови преживеани. Ако е точно дека околу 700 мигранти загинале, ова ќе биде нова трагедија по недамнешните два бродолома што се случија во минатата недела“, изјави Карлота Сами, портпарол на УНЦХР.
Приливот на мигрантите од Либија не престанува да расте со доаѓањето на топлото време. Секојдневно италијанската крајбрежна стража и трговските бродови спасуваат од 500 до 1.000 луѓе. Поради ова, хуманитарни организации побараа од Брисел да ја врати операцијата „Маре нострум“ на европско ниво, чие што финансирање беше прекинато во минатата година, заменувајќи ја со многу поскромна програма „Тритон“, чијашто главна цел е заштита само на европските граници, а не спасување на мигрантите.
Мирјана Василева
