Фудбал - Прва лига

Шест екипи околу и во плеј - аут зоната

20.04.2015 16:56

На седум кола да крајот во конкуренцијата за шампионската титула останаа само последните двајца прваци Вардар и Работнички, но за интересноста на фудбалската Прва лига ќе придонесе и мешаницата околу плеј - аутот...

Лидерот Вардар ја заслужи, но и го посака среќата, за првата првенствена победа сезонава против Ренова од 1:0 со којашт ја одржа предноста од четири  бода пред романтичарите. Во европската трка, Ренова има бод предност пред Шкендија, откако со 1:0 загуби од актуелниот шампион.

Обременет со пласманот во финалето во Купот, Работнички на мускули ја продолжи позитивната меѓусебна традиција без пораз во 13-те скопски дуели со Шкендија.  Стартот врз Анене е најмалку дискутабилен, но нема дилеми дека стрелецот Алтипармаковски предвреме влезе во шеснаесетникот при промашениот пенал на Илијоски.

Од преостанатите шест екипи, јасно е само дека Тетекс ќе се врати во Втората лига. Откако Металург оствари една победа во последните девет дуели, а Силекс е без триумф во седум меча и двете екипи се доближија на два бода до зоната за разигрување за опстанок, но сепак можат да бидат задоволни од нерешените во 25-то коло. Металурзите од мечот без голови со Брегалница, затоа што штипјани не загубиле шест натпревари, а Силекс од ремито 1:1 во Турново кадешто никогаш на триумфирал на девете гостувања.

Требаше да минат седум месеци, 17 првенствени дуели, Пелистер пак да игра со Тетекс и да се пресели од Битола во Прилеп за да победи и тоа со 3:1. Пелистерци имаат повеќе тримфи и помалку порази само од Тетекс, но со петтото славје сезонава останаа на достижни четири бода зад позицијата на Брегалница којашто барем обезбедува бараж.

Најголемиот дел од натпреварите од 26-то коло в среда ќе влијаат на долниот дел на табелата, освен дербито Шкендија - Вардар коешто ќе се одигра во Куманово со пренос на МРТ Собранискиот сервис во 16 часот.  Работнички ќе му биде домаќин на Металург, Силекс ќе го пречека Пелистер, Брегалница ќе му гостува на Тетекс во скопско Маџари, а Ренова и Турново ќе играат во Боговиње.