АБА лига кошарка – полуфинале

Белградското дерби во сиот „сјај“

20.04.2015 17:46

Црвена Звезда долго беше во кошаркарската сенка на Партизан. Но рулетот сезонава се сврте на црвено, па Звезда ќе игра во финалето на АБА лигата. Будуќност и Цедевита се надеваат на победа во мајсторката во нивната серија, а со тоа и за освојување на вториот билет за Евролигата.

Црвениот гигант ја заврши работата, го чека противникот од мајсторката в среда. Звезда конечно, по 21-на година го сруши Партизан во еден плеј-оф двобој, а Цедевита со втората победа по ред во Загреб се избори за мајсторка во Подгорица, против Будуќност.

Иако скандалите беа шлагот на белградското дерби – летаа запалки, сточлчиња и закани низ Пионир, кога кошаркарите на Звезда се собраа на централниот круг да го прослават триумфот, а низ ходниците се делеа шлаканици на сите страни, сепак кошарката победи. Далеку поквалитетната екипа се избори за финале и за Евролига следната сезона, во двобој што мораше да биде финална серија, но не беше поради лошиот финиш на Партизан во регуларниот дел на сезоната и пласманот на 4-та позиција на табелата.

Американците ја одведоа Звезда во финалето, со маестрална партија на Џенкинс низ сите 4 дуелли со црно-белите и на Вилијамс кој што заспа на стартот на серијата, но се разбуди во 28-та минута и до 36-та постигна 17 од вкупно 19-те поени во решавачката пресметка. Кратката клупа и заморот на реално 5 кошаркари што можеа да го понесат товарот, го чинеше Партизан пораз што боли многу повеќе и ќе боли многу подолго, од кој било друг. Црвена Звезда имаше долга сезона, го освои Купот на Србија, достојно се престави во Евролигата, се пласира во финалето на АБА лигата и го чека соочувањето со Партизан во домашното првенство.

Цедевита навидум имаше победа в џеб, но можеше да ја прокоцка во финишот на четварата средба, што за среќа на Репеша и неговите избраници кои што се повеќе демонстрираат дека немаат шампионски карактер, ќе се игра 5-ти натпревар. Прашањата се дали Хрватите може да победат три по ред и дали Црногорците, може да загубат исто толку во низа?

АБА плеј-офот продолжува в среда, во 18:30 кога слика од Подгорица ќе гледате на Собраниски, а за финалето нема да чекаме долго. Првите два меча, во Белград затоа што Звезда има предност домашен терен, се веќе викендов, исто така во живо на МТВ.