Македонски спорт – сиви нијанси
Резултатски не погоди елиминацијата на Вардар од Лигата на шампионите. Нашиот машки ракомет останува во чекалница за настап на завршен турнир од елитната конкуренција...

Викендот потврди дека македонскиот спорт болува. За него дијагноза има, а за лекот ќе почекаме. Резултатски не погоди елиминацијата на Вардар од Лигата на шампионите. Нашиот машки ракомет останува во чекалница за настап на завршен турнир од елитната конкуренција.
На домашната сцена, пак, тешко е да се издвои нешто розово. Нијансите се сиви. Кошаркарскиот хаос трае со несмален интензитет. Само што продолжи првенството, во Гевгелија биле нападнати судиите. Од ден на ден се решава кој со кого и кога ќе игра. А и да се игра, веќе е јасно – кај нас кошарка нема. Барем сезонава!
Но ракомет има, а и тој отсега ќе биде формален, барем кога е во прашање трката за титулата. Доминацијата на Вардар е рампа за неизвесноста и за привлечноста на машкиот шампионат. Одбојката одамна се држи само на репрезентативен план, а во фудбалот не оди ниту со националниот тим. Клупскиот квалитет одамна е спорен.
